Пекинг најави одмазднички санкции против САД, кои меѓу другите ќе бидат насочени кон републиканските сенатори Тед Круз и Марко Рубио, откако Вашингтон ги обелодени планираните санкции за Хонг Конг, пренесува РТ.

Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека ограничувањата на 11 американски државјани ќе стапат на сила од денеска. Тие вклучуваат неколку функционери, како и шефови на политички и организации за човекови права.

Одмаздничките мерки следуваат по санкциите на САД против 11 службеници кои ги обвинува за потиснување на политичките слободи во Хонг Конг. Санкциите, во кои беа вклучени и главниот извршен директор на Хонг Конг, Кери Лам, и шефот на полицијата во градот, Крис Танг, беа осудени од владата на Хонг Конг како бесрамно и варварско мешање во нивните внатрешни работи, додавајќи дека нема да бидат заплашени од ваквите мерки.

Вашингтон отворено ги поддржуваше протестите против Пекинг во полуавтономниот град, кои почнаа минатата година и честопати завршуваа со вандализам и судири со полицијата.

Тензиите меѓу Пекинг и Вашингтон се зголемуваат. Минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која за 45 дена ќе им се забрани на Американците да прават бизнис со кинески фирми ByteDance и Tencent, кои работат со ТикТок и ВиЧет.

Вашингтон тврди дека апликациите се користат за шпионирање на американските граѓани, тврдење што Кина одлучно го негира, додека ТикТок, наводно, се подготвува да поднесе тужба против одлуката.

извор: Makfax