Потсетувајќи на реториката на Мао Цедонг за време на Културната револуција, кинескиот амбасадор во Лондон ги повика кинеските студенти кои студираат во Велика Британија да ѝ служат на својата татковина во ек на зголемената загриженост за влијанието на Пекинг врз западните универзитетски кампуси, пренесува „Тајмс“.

Во неодамна откриените коментари дадени за наградата на кинеската влада за извонредни самофинансирани студенти во странство, амбасадорот Лиу Сјаоминг рече: „Се надевам дека ќе продолжите со славната традиција на патриотизам. Се надевам дека секогаш ќе ги живеете личните соништа со стремеж кон Кинескиот сон за национално подмладување. Се надевам дека со она што го научивте овде и сега, можете да им служите на својата татковина и народ во иднина.“

Како одговор на коментарите, професорот Кристофер Хјуз од Лондонската школа за економија изјави за „Тајмс“:

„Идејата за патриотизам, во кинески контекст, значи поддршка на Комунистичката партија. Тоа значи да се бара обединување со Тајван. Тоа значи целосно уништување на тибетските аспирации за автономија. Тоа значи уништување на Хонг Конг. Тоа предизвикува многу наши принципи на академска слобода. Колку повеќе кинески студенти има, толку повеќе се контролирани и искористувани од Кинеската амбасада. Постојат различни групи формирани за да го следат нивното однесување. Затоа, тие не се чувствуваат безбедно. Тоа значи дека се подложуваат на самоцензура“.

Во Велика Британија во моментот има околу 120.000 кинески студенти. Во ноември, Комитетот за надворешни работи утврди дека студентите од Кина се активно вклучени во пропаганден напор на кампусите да извршат притисок врз наративот за поддршка на Кинеската комунистичка партија и да го задушат слободниот говор за чувствителните прашања за партијата, како што се Тајван и Хонг Конг.

Напорите што ги прават некои кинески студенти често се организираат од универзитетските ограноци на институтот „Конфучиј“, кој тврди дека е само средство за ширење на кинеските јазик и култура, но всушност е подружница на кинеското Министерство за образование кое е под надзор на Централниот пропаганден оддел на Комунистичката партија. Во моментов има 29 ограноци на институтот „Конфучиј“ низ цела Британија.

Кинески претставници на институтот „Конфучиј“ се обвинети во Велика Британија за конфискување документи што го споменуваат Тајван, како и за затворање на настаните во кампусот кои се фокусираа на Тајван или на Тибет.

Изјавите на кинескиот амбасадор најверојатно се одговор на растечкиот спор со САД откако американскиот претседател Донал Трамп во мај објави дека неговата администрација ќе ги ограничи визите за кинеските дипломирани студенти во услови на загриженост поради интелектуалната шпионажа.

„Со години владата на Кина спроведува незаконска шпионажа за да ги украде нашите индустриски тајни. Денес ќе издадам проглас за подобро обезбедување на виталното универзитетско истражување на нашата нација и за суспендирање на влегувањето на одредени странски државјани од Кина, кои ние ги идентификувавме како потенцијален безбедносен ризик“, рече Трамп.

Во јуни, Министерството за правда објави дека еден од водечките хемичари во Америка, поранешниот шеф на Катедрата за хемија и хемиска биологија на универзитетот „Харвард“, д-р Чарлс Либер, беше обвинет дека давал лажни изјави за неговата врска со кинеската програма Илјадници таленти (ТТП).  СЕ верува дека програмата е клучна форма на напорите на ККП за кражба на интелектуална сопственост од Западот.

Тензиите се зголемуваат и меѓу Велика Британија и комунистичкиот режим во Пекинг, кои предупредија дека Велика Британија ќе ги сноси сите последици поради одлуката на премиерот Борис Џонсон да отвори пат за државјанство за најмногу 3 милиони жители на Хонг Конг по воведувањето на драконскиот Закон за национална безбедност на градот кој ќе служи за задушување на слободата и автономијата што му беа ветени на Хонг Конг во Кинеско-британската заедничка декларација.

 

извор: Makfax