Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, изјави дека претседателот на чешкиот сенат, Милош Вистрчил, ќе плати висока цена затоа што го прекршил принципот „една Кина“.
Имено, претседателот на Сенатот заминал во официјална посета на Тајван.

Според „Ројтерс“, Вистрчил пристигнал во Тајпеј, потенцирајќи дека целта на неговата посета е да ги подобри деловните односи со Тајван и дека Чешка нема да им попушти на приговорите од Пекинг.

Реагирајќи на тоа, Ванг, кој во тоа време беше во посета на Германија, рече дека Вистрчил ќе мора да плати висока цена за неговото кратковидо однесување и политичкиот опортунизам.

Преиспитувањето на принципот „една Кина“ е исто како „станување непријател на 1,4 милијарди Кинези“, а кинеската влада и народот нема да толерираат ваква отворена провокација од Вистрчил и антикинеските сили кои стојат зад тоа, рече Ванг.

Според принципот „една Кина“, Пекинг не ја признава независноста на Тајван или правото за одржување меѓудржавни односи, и го смета за провинција во рамките на Кина.

извор: Makfax