Кина испрати свој лекарски тим во Северна Кореја поради лидерот на оваа земја, Ким Џонг Ун, кој е во тешка здравствена состојба, пренесуваат светските медиуми.

„Дејли мејл“ пишува за тешката состојба на лидерот на Северна Кореја, повикувајќи се на три извори блиски до севернокорејскиот врв на државата.

Јапонските медиуми објавија дека Ким е во „вегетативна состојба“ по операцијата на срцето, која му беше направена на почетокот на месецот.

Според информациите на одделни медиуми, на почетокот на месецот на Ким нагло му се слошило, се фатил за градите и паднал на земјата. Итно бил пренесен во болница на реанимација, а брзо потоа му била извршена и операција на срцето.

Претходно се појавија многу шпекулации за тоа каде е Ким Џонг Ун. Имаше сомневања дека го напуштил Пјонгјанг поради коронавирусот, а потоа се појавија информации дека е тешко болен.

Јапонскиот весник „Јомиури Шимбун“ ,повикувајќи се на извори запознаени со трилатералните разговори меѓу Јужна Кореја, САД и Јапонија, објави дека Северна Кореја подготвува план за непредвидени ситуации, за пренос на моќта на помладата сестра на Ким, Ким Џо Џонг.

извор: Makfax