Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја пропушти прославата за роденденот на неговиот дедо на 15 април, што предизвика гласини за неговото здравје.

Од јужнокорејската влада е соопштено дека не се забележани невообичаени активности во Северна Кореја, по непотврдените извештаи дека лидерот на оваа земја, Ким Џонг Ун е во критична состојба по операцијата на срцето.

Претходно Си-ен-ен пренесе изјава на неименуван американски претставник, дека САД следат разузнавачки податоци дека Ким Џонг Ун е во животна опасност по операцијата. Друг неименуван американски претставник рекол за Си-ен-ен, дека постои причина за загриженост за здравјето на Ким, но дека сериозноста на болеста е тешко да се процени.

Според извори на јужнокорејските медиуми, кои се повикуваат на неименувани извори од Северна Кореја, Ким бил на кардиоваскуларна хируршка процедура и речиси е во подобра состојба, но и натаму е под медицински третман во медицинскиот центар во Хјангсан, болница посветена на семејството на Ким.

Се уште нема официјална изјава од Северна Кореја.

Според државната агенција на Јужан Кореја, „Јонхап“, Ким последен пат е виден на 11 април, претставувајќи го политичкото биро на Работничката партија.

извор: Makfax