Победникот на Гран при трката во Монте Карло, Кими Раиконен од Мекларен, упати јавна благодарност до двајцата возачи на Вилијамс БМВ, Ник Хајдфелд и Марк Вебер. Бидејќи тие ги освоија 2. и 3. место, му овозможија на Финецот да ја намали разликата со водечкиот Фернандо Алонсо, кој се пласираше на 4. позиција и сега има предност од само 12 бодови. – Им благодарам на Ник и на Марк што го претекнаа Алонсо и што ми овозможија да му се приближам на 22 поени. Сепак, сезоната е долга и има уште многу да се вози. Победата си е победа, секогаш носи 10 поени, но триумфот во Монако е нешто специјално, изјави Раиконен. Алонсо, по трите победи на стартот од сезоната, не се тревожи многу од 4. место: – Трката во Монако е исклучително тешка. Можеби најтешка во целиот циклус. Грешки не се дозволени. Кога ќе соберам и одземам, 4. место го оценувам како успех, а што се однесува на Кими, знам дека ќе ми биде најголемиот конкурент, годинава. Во овој момент не се оптоварувам со математика, бидејќи имам добра “залиха” на првото место. Што да се каже за седумкратниот и актуелен шампион, Михаел Шумахер од Ферари? Иако го извозе најбрзиот круг на трката, сепак освои само 2 поени на 7. место и ја продолжи серијата на непобедување на седум три по ред. – Се што можеше да се случи лошо, се случи. Уште од стартот. Но, по сето што го преживеав на патеката, јас, едноставно морам да бидам задоволен и со двата бода, изјави Шумахер, кој минатата година, од 18 можни трки, победи на 13.