Кими задоволен, Шуми окуражен
Исходот на трката за Големата награда на Канада се чини ги врати возбудувањата во првенството на Формула 1. Откако двоецот на Рено не ја заврши трката во Монтреал, борбата за титулата како меѓу возачите, така и кај конструкторите се вжештува. Предноста на лидерот во првенството Фернандо Алонсо сега изнесува само 22 бода пред Кими Раиконен (Мекларен), кој веќе ја забележа третата победа сезонава. Финецот, кој во Нирнберг ја загуби победата во последниот круг, по трката во Монтреал не го криеше своето задоволство и го пофали целиот тим за начинот на кој бил подготвен неговиот болид. “Се се заврши добро. Сопирачките беа во одлична состојба, болидот исто така”, не ги штедеше пофалбите Кими, кој изрази надеж дека болидот ќе биде уште подобар за наредната трка – Голема награда на САД. “Патеката во Канада не му одговара на Мекларен. Трката беше тешка за сите екипи- за болидите и за пневматиците, вели Раиконен, кој додава: “Јас, сепак, дојдов по 10-те бода и ги освоив. На крајот само тоа е важно, особено по пехот на ГН за Европа”. Овој пат и во Ферари можат да бидат задоволни од претставувањето во Канада. Особено тоа не го криеше седумкратниот светски првак Михаел Шумахер, кој беше втор пред клупскиот колега Барикело. “Постојаниот прогрес не може да не ни влева храброст. Во Ферари веруваме дека ќе дојде моментот кога ќе бидеме постојани на сите трки”, вели Шуми. Неговиот колега од тимот Рубенс Барикело вели дека ако не бил убеден во успехот воопшто немаше да стартува. “Стартував од последната позиција, но ако не бев убеден, дека ќе се искачам на подиумот, подобро да не се појавував на стартот. Допрва Ферари ќе оди нагоре. Мислам дека можеме да ги стигнеме Мекларен и Рено”, додаде Бразилецот.