Кемал Монтено поради лоша функција на бубрезите, мора да оди на трансплантација. Кантавторот од Сараево е оптимист пред претстојната операција и не се плаши од зафатот. Тој ги одложил сите обврски за да им биде на располагање на лекарите. Минатата година Монтено заврши во загрепскиот клинички центар поради проблемите со срцето кое му е ослабено и поради долгогодишната шеќерна болест. Тогаш му вградија бајпас, а и откриле дека и бубрезите не му работат како што треба.

“Дисциплиниран сум. Кога не сум во Загреб, пред настапите во поголемите болници во регионот договарам дијализа. Пијам многу таблети, но сфатив дека не постои друг начин”, објаснил Кемал. На шега рекол дека веќе два пати жив го закопуваат ни крив ни должен.
Кога е во прашање трансплантацијата на бубрезите пејачот рекол: “Се уште ништо не се знае. Тоа може да се случи уште утре, следната недела или за една година. Се уште сум на листа на чекање, се чувствувам добро, се е нормално засега, но не знам кога би можела да се случи операцијата, некои луѓе чекаат и по 20 години”.