Пратеникот и лекар специјалист, Сашко Кедев, ќе поднесе кривична пријава против д-р Борче Петровски, директор на Клиниката за кардиологија, поради попречување на лекување на пациент. Зад Кедев, кој се повикува на член 207 од Кривичниот законик, наводно ќе застанат 15-тина сведоци кои ќе потврдат дека во случајот на пациентот Јордан Балабанов, на кого Кедев самоиницијативно му вгради стент, бил оневозможуван да постапи по системот на крајна нужда. “Ја сносам одговорноста што самоиницијативно го земав стентот и го имплантирав кај пациентот, но пак би го направил истото”, рече Кедев на вчерашната прес-конференција. Тој не негира дека пациентот бил хронично болен, но вели дека, интервенцијата никако не смее да се прекине по почнувањето, бидејќи се доведува во прашање животот на пациентот. Кедев нагласи дека никој досега не го анализирал тој медицински аспект, туку сите се “фатиле” за етиката. Според него, сите презентирани документи на стручниот колегиум пред директорот на Клиничкиот центар, што требаше да ја докажат злоупотребата на пациентот, се фалсификувани и изменети, а имињата на лекарите се доставени без потпис, што ја става под знак прашалник нивната согласност и остава сомнеж дека зад тој стручен колегиум се крие името на Петровски. Исто така, вели Кедев, е лага и дека за време на интервенцијата заседавал стручниот колегиум. “На денот на анализата на случајот, од историјата на болеста се загубени неколку важни документи, а различни се и податоците во анамнезата и во заклучокот на случајот”, тврди Кедев, додавајќи дека, случајот има длабока политичка заднина, зад која се крие корупција и криминал, кои се длабоко навлезени во македонското здравство. (Д. Д.)