Неколку дена пред почетокот на бербата на грозје, лозарите тријат раце. Одличните временски услови кои оваа година им беа во интерес ќе донесат рекорден квалитет на грозјето. Тоа значи дека берата ќе биде една од најдобрите во последните неколку години и ќе резултира со рекордни откупни цени. Дополнително точно утврдената цена од 0,68 денари за шеќерна единица за пресметка на откупната цена на вранецот и 0,64 за смедеревката ќе овозможи реално да се цени квалитетот.

Оние лозари кои годинава ќе произведат квалитетно грозје може да очекуваат цени за три до четори денари повисоки од минимално договорените. Лозарите велат дека со ова конечно ќе се исправи неправдата која со години им се нанесува. Производителите на грозје неколку дена пред почетокот на бербата велат дека оваа ќе биде одлична берба, и се надеваат дека винарските визби ќе ги почитуваат правилниците за откуп и оваа година откупот ќе помине без никаков проблем.

Министерството за земјоделство вчера утврди минимална цена за откуп на сортата грозје вранец со 19 шеќерни единици да биде 13 денари за килограм. Покрај тоа, договорена е и цена од 0,68 денари по шеќерна единица, која ќе се користи при пресметка на откупна цена за сортата вранец во случај кога производителите на грозје ќе предадат грозје со повисока или пониска вредност од 19 шеќерни единици.

Минимална цена, пак, за откуп на сортата смедеревка со 17 шеќерни единици ќе биде 11 денари за килограми и 0,64 денари по шеќерна единица, која ќе се користи при пресметка на откупна цена во случај кога производителите ќе предадат грозје смедеревка со повисока или пониска вредност од 17 шеќерни единици.

-Оваа година за прв пат е утврдена цена за шеќерна единица што значи дека ќе се исправи неправдата која со гидини им се нанесуваше на лозарите. Со оглед на тоа што временските услови оваа година беа одлични и се очекува рекордно висок квалитет, можеме да очекуваме рекордни откупни цени, вели Љупчо Аризанов од Сојузот на лозари “Агротиквешија” Тој вели дека цената на смедеревката може да достигне и до 14 денари за килограм, односно за три денари повеќе од минимална.

– За неколку дена ќе почне бербата. Се надеваме дека се ќе биде во ред и винарските визби ќе ги почитуваат откупните цени и ќе откупуваат во согласност со квалитетот. Очекуваме поголема контрола од земјоделскиот инспекторат за да се спречат навреме евентуални неправилности, потенцира Аризанов.

Според првичните процени, тој вели дека од домашните винарии ќе се бара килограм грозје повеќе, а веќе има најави за зголемена побарувачка и од соседните пазари, пред се Србија каде што завршува голем дел од домашното грозје.

Од Министерството за земјоделство вчера информираа дека сите откупувачи на грозје и винарски визби, откупните цени согласно договорените минимални цени и цените по шеќерна единица ќе ги истакнат на видно место на своите откупни пунктови.

-Цената на винското грозје од т.н. висококвалитетни сорти во секој случај ќе биде повисока од договорените цени за сортите вранец и смедеревка и ќе се утврдува во договор помеѓу производителите на грозје и откупувачите – винарските визби, соопшти МЗШВ.
(Ал.С)