Во “КБ прво пензиско друштво” се зачлениле 52.412 осигуреници, а средства кои до вчера се уплатени на личните сметки на дел од нив по основ на пензиски придонеси веќе се инвестирани во државни хартии од вредност.
“Според официјалните податоци на МАПАС во двостолбниот пензиски систем се вклучиле вкупно 99.076 осигуреници. Ние веќе ги инвестиравме средствата кои аконтативно беа уплатени на наша сметка, иако поголемиот дел од уплатите ги очекуваме деновиве со исплата на јануарската плата”, објасни генералната директорка на КБ Прво пензиско друштво, Јадранка Мршиќ, која истакна дека тие се задоволни од досегашните бројки.
Според неа, тие до крајот на оваа година очекуваат околку 800 милиони денари од средствата од пензиските придонеси, а до 2010 година близу пет милијарди денари. Анализите на друштвото покажуваат дека годинава тие би можеле да калкулираат со околу 20.000 нови осигуренци од редот на нововработените. Одговарајќи на новинарско прашање, Мршиќ појасни дека е можен одреден застој во навременото уплаќање на придонесите во наредниот месец-два, додека обврзниците не ја усогласат нивната работа во согласност со новиот начин на уплата на придонеси, но оти потоа се ќе биде во најдобар ред. (Р.Н.)