Една од водечките словенечки фирми за бањски туризам “”Терме Олимиа” планира да гради голем рекреативен центар во Гевгелија. Центарот, кој ќе бида заедничка инвестиција со домашната компанија “Паскалин”, ќе биде лоциран во близина на месноста Смоквица до познатиот извор на термални води.
Како што се дознава, “Паскалин” веќе ја има добиено концесијата за користење на термалните води и во заедничкиот проект влегува и со обезбедување на 4,5 хектари земјиште на кое треба да се изгради комплекс од базени и хотел со околу 150 легла. Општинските власти на Гевгелија поднеле барање до Министерството за транспорт и врски за доделување на околу два хектари државно земјиште со што и ќе се комплетира проектот за рекреативниот центар тежок десетина милиони евра. Изградбата се најавува да почне во јуни или јули годинава, а првите гости се очекуваат во средината на идната година.
Гевгелија станува се поатрактивна туристичка дестинација за домашни и странски инвеститори кои бараат локации за подигање на казина-хотели и туристичко-рекреативни центри. Атрактивноста доаѓа од фактот што дневно во земјава влегуваат од 1.500 до 2.000 грчки граѓани кои пазарат во Гевгелија или ги поминуваат вечерите во хотел-казината.


Светлана БЛАЖЕВСКА