Во услови на постојани тензии на грчко-турската копнена граница околу новата миграциска криза, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, додаде масло во огнот, коментирајќи дека не сака да се сретне со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, а истовремено и порача на ЕУ дека договорот за миграцијата треба да биде повторно разгледан, пишува електронското издание на грчкиот весник „Катимерини“.

Говорејќи на враќање од Москва, Ердоган рече за Мицотакис: „Не сакам да сум на едно исто место или на иста фотографија со него“, пишува весникот.

Ердоган потврди дека бугарскиот премиер Бојко Борисов се обидел да го убеди да организира трилатерален самит, но тој одбил, обвинувајќи ја грчката влада за прогон на бегалци.

Во петокот, Ердоган ги повтори обвинувањата против грчките граничари дека пукале кон мигрантите на границата, а исто така ја обвини грчката крајбрежна стража за тонење на чамците со кои бегалците се обидуваат да го продолжат патот.

Грчката влада во неколку наврати ги отфрла обвинувањата на Ердоган и на другите турски официјални лица како лажни вести, оценувајќи дека станува збор за турска пропаганда.

извор: Makfax