Седмичните податоци што ги објавува Центарот за јавно здравје од Охрид, а се однесува на населението што живее на подрачјето на општините Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар и Центар Жупа покажуваат дека во периодот од 7 до 13 ноември лабораториски е дијагностицирано присуство на Ковид-19 кај вкупно 362 лица и тоа кај 207 лица од Општина Охрид, кај 124 лица од Општина Струга и кај 31 лице од Општина Дебар.

Во односниот период за тестирање се земени вкупно 300 примероци, од кои 157 се земени по епидемиолошки индикации (лица кои исполнуваат критериуми за дефиниција на случај), а 143 материјали зе земени при тестирањето со упат од матичен лекар.

Според податоците во Охрид моментално има 475, во Струга 245, а во Дебар 91 активни случаи на заболени со коронавирус. Изминатата седмица оздравени се 85 лица од Охрид, 38 лица од Струга и 14 лица од Дебар. Во истиот период се починати осум лица од Охрид и четири од Струга.

Од почетокот на епидемијата досега лабораториски е дијагностицирано присуство на Ковид-19 кај вкупно 2540 лица во општините Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар и Центар Жупа, од кои кај 1099 лица во Охрид и Дебрца, 1035 лица во Струга и Вевчани и 406 лица во општините Дебар и Центар Жупа. Оздравени се 641 пациент од Охрид, 727 од Струга, како и 297 пациенти од Дебар и Центар Жупа.

Црниот биланс досега се 40 починати лица од Охрид и Дебарца, 80 од Општина Струга и 18 од Дебар и Центар Жупа.

Од Центарот за јавно здравје во Охрид предупредуваат дека во овој период коронавирусот е широко распространет во локална трансмисија и со засилена активност, со апел за одговорно однесување и придржување кон мерките и препораките за заштита од COVID-19.

„Во овој момент единствен начин да се спречи инфекцијата и ширењето на вирусот е строго придржување и примена на превентивните мерки за заштита од COVID-19 и тоа правилна употреба на заштитните маски, одржување социјална и физичка дистанца, избегнување јавни собири и групирања, како и често миење раце“, посочуваат од Центарот за јавно здравје – Охрид.