“Со донацијата од Кралството Шведска вредна три милиони евра, ќе се овозможи во наредните три години да се едуцираат службениците во Државниот завод за геодетски работи според европските стандарди. На тој начин ќе се подобрат услугите што Катастарот ќе ги дава кон граѓаните”, изјави директорката на Државниот завод за геодетски работи, Бисера Јакимовска, на вчерашното потпишување на договорот со шведскиот амбасадор во Белград задолжен и за Македонија, Јоран Јарестед. Амбасадорот Јарестед нагласи дека неговата земја е голем пријател и поддржувач на РМ и би сакал да ја види. Македонија како напредува. -“Нашите две земји се многу тесно поврзани. Голем број Македонци живеат во Шведска и тие денес преставуваат многу значаен и интегриран дел од шведската економија, стопанство и животот воопшто. Шведска е решена да ја доближи својата соработка и помош на РМ преку соработка за развој, а зајакнувањето на институциите во Македонија е многу важен дел од нашата програма за развој овде, рече Јарестед, кој нагласи дека вкупната помош на Швадска за Македонија изнесува седум милиони евра годишно, но очекува дека во иднина со помош и на други донатори трасирањето на патот на Македонија кон ЕУ ќе и биде полесен. Проектот ќе се реализира во наредните три години и ќе опфати опремување на Катастарот со компјутери и друга техничка опрема за обука на вработените не само од Заводот, туку и за лицата од приватната геодетска пракса за раководење со ИТ-системи, мрежно поврзување, комуникации, развој на базата на податоци и слично. (С. Бл.)