„Катар ервејс“ објави загуба од 69 милиони долари за минатата година, а главна причина е блокадата што кон превозникот ја воведоа четири земји.

Според финансискиот извештај, катарската компанија забележала понизок раст на промет и 19 проценти помала исполнетост на авионите од Катар кон други дестинации.

„Катар ервејс“ таквите резултати ги препиша на, како што рече, незаконската блокада, која на 5 јуни минатата година ја воведоа Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет. Овие земји ги прекинаа дипломатските и транспортните врски со Катар, вклучувајќи ги патните, авионските и поморските комуникации.

Извршниот директор на „Катар ервејс“, Акбар ал-Бакер, рече дека влијанието од незаконските блокади е минимално, благодарение на нивниот бизнис план, одлучните акции, фокусот на патниците и посветеноста.

„Резултатите сепак не се толку негативни, како што нашите соседи се надеваа“, рече Ал-Бакер.

Катарскиот превозник, кој остана без влез во 18 градови и држави, беше присилен да ги пренасочи своите летови преку Турција, Иран и Оман.

извор: Makfax