“Не сум тиранин со железна рака. Играчите ќе имаат доволно слободно време, но ќе барам сериозност во извршување на обврските. Немам волшебно стапче и не треба да се очекува чудо. Мое е да создадам тим, што ќе го одликуваат единство и позитивна атмосфера и нема да дозволам подинци да имаат негативно влијание. Другото е во рацете на играчите. Треба да им се обезбедат одлични услови за подготовка, а тие да возвратат со агресивна игра, желба први да постигнат гол и на секоја средба да одат на победа”, беа зборовите на новиот селектор на Македонија, Сречко Катанец на прес конференцијата пред утрешната пријателска средба со Бугарија на Градски (17 ч.) во Скопје. Тој потврди дека нема да повикува ново име на местото на повредениот напаѓач Илчо Наумовски, бидејќи не сака да го пополни бројот со играч кој не би влегол во неговите планови, а најави и промена на формацијата. Во исто време, на македонската јавност и порача дека не очекува многу од пријателските средби, потенцирајќи дека би бил среќен ако ги загуби контролните, а победи на официјалните средби.
-Се уште не ги познавам фудбалерите. И по средбата со Бугарија ќе немам целосен увид на ситуацијата и мојата работа ќе почне по 1 март. Од тогаш ќе ги следам потенцијалните кандидати, а дури во мај, кога ќе имаме подолг собир и контролни средби (досега е договерен меч со Еквадор – н.з.) ќе можам да го кажам моето мислење. Сигурно е само дека ќе има измена во последната одбранбена линија. Место со четворица ќе играме со тројца дефанзивци, за да се знае кој кого чува и кој за што е виновен, дополни словенечкиот стручњак.
Според Катанец, капитенската лента ќе му припадне на играчот со најголем број средби за Македонија, но тоа нема да биде голманот, бидејќи неговото влијание врз соиграчите и судијата е лимитирано. Тоа значи и губењето на капитенската лента за Петар Милошевски, кој на пресот изрази задоволство од повикот во репрезентацијата. Гоце Седлоски, пак, ако заздраве од настинката на средбата со Бугарија ќе биде капитен на “црвено-жолтите”.
– Атмосферата во екипата е одлична. Бугарија е силен противник и ако одиграме максимално ангажирано, како против Холандија, можеме да очекуваме позитивен резултат, вели Седлоски.


Сашко ДИМОВСКИ ФОТО: В. ПЕРКОВСКИ