Кубанскиот претседател Фидел Кастро (78) си го повреди коленото, а, можеби, и раката, при паѓањето во средата додека држеше говор на свеченоста за студентите кои дипломирале во градот Санта Клара.Телохранителите веднаш се стрчале и му помогнале да стане и да дојде до столчето. Кубанскиот претседател потоа го побара микрофонот и на присутните, меѓу кои имаше и такви што почнаа и да плачат, им рече дека нема причина за загриженост. “Драги дипломци, од вас барам да ми простите што паднав. Да ги спречам нагаѓањата, веројатно, имам скршено колено, а можеби и рака”, рече Кастро. “Можам да зборувам и ако ми стават гипс, а можам и да работам”, додаде шеговито. На свеченоста присуствуваа околу 30 000 лица. Веднаш потоа Кастро е одведен до својот “мерцедес”. (АП)