Одделот за безбедност на сообраќајот на Хрватското МВР наскоро, на брзите сообраќајници и автопати, ќе постави картонски полицајци. Хрватска така ќе го следи примерот на европските земји во кои вакви макети се поставени веќе десетина години. Експериментално, прва со проектот почна Полициската управа на Загреб. Лани во мај тие поставија картонски полицајци во зоните околу градинките и училиштата.
-Таму каде што има ограничување, каде се изведуваат работи, на сообраќајниците каде сообраќајките се зачестени, картонските полицајци, дополнително превентивно влијаат на возачите, заедно со вообичаени полициски патроли, вели Драган Токиќ, началник на Одделението за безбедност на патиштата. Освен тоа, МВР на Хрватска веќе сега размилува за претстојната туристичка сезона. Во подготовка е изработка на нови, поквалитетни макети на полицајци. Како што се дознава тие ќе бидат во различни пози и со раличен изглед. “Нашето искуство покажува дека макетите влијаат на несовесните возачи – велат во Хрватското МВР. Но, тие исто така стравуваат дека граѓаните би можеле да ги крадат или уништуваат. Затоа со макетите ќе биде поставен и видео-надзор што ќе има дополнителна функција, а не само за чување на полицајците. Некои од граѓаните на Хрватска прокоментираа: “Каква ни е културата уште ќе треба да се ангажираат живи полицајци да ги чуваат картонските колеги”.