Епидемиологот од Инситутот за јавно здравје д-р Жарко Караџовски на денешната видеосесија во Владата ја појасни клиничката слика на пациентите заболени со вирусот Ковид-19.

Клиничката слика после инкубацијата од еден до 14 дена или просечна инкубација согласно кинеските искуства 5,3 до 5,7 дена просечно, се јавува почеток на клиничките симптоми кои се манифестираат прво со покачена телесна температура над 38 степени, второ отежнато дишење и суво надразнителна кашлица. Повишената температура во ист момент може да биде и кај грипот, затоа не ни оди во прилог, но епидемиолошките клинички сознанија велат дека 24 до 72 саати максимум е клиничка инкубација за грип, ако е така, а така е ова не се исти ентитети бидејќи имаме различна симптоматологија и пред да се јави симптоматологијата имаме одредена инкубација, вели Караџовски.

Клиничките симптоми, додава тој, можат да одат во друга насока – слабост, омалаксаност, отежнато дишење, болки во згобови и мускули, а може да се јават стомачни тегоби како што се дијареа и повраќање. Она што на крајот во последниов месец дена се појавило е губиток на вкус и губиток на мирис.

Овие десетина симптоми се круцијални за ова заболување, некои се многу слични на респираторната симптоматологија и кај другите респираторни вируси. На почеток правеа забуна, но со анкета што треба да ја направи на соодветен начин соодветно лице, а ние ги дадовме пепораките кои треба да се направат, веднаш може да се направи дистинкција меѓу едното и другото заболување, додаде Караџоски.

Клиничката слика, посочува тој, е нешто што во моментов се базираше на податоците на Кина и од она што го гледаме од податоците во Европа и додаде оти тоа што не им одело во прилог е појавата на ова заболување во сезоната на грип.

Тоа што не ни одеше во прилог е годинава во државата се регистрираа околу 38.000 случаи на инфлуенца (грип), што отприлика претставува некаде 18/19.000 случаи зголемено во однос на минатата година, дополни Караџоски.

Тој верува дека кога ќе помине кризата, ќе направат истражување во кое ќе кажат точно дали некој од овие случаи кои се регистрираат во сезона 2019/20 имале симптоми слични на Ковид-19 и дали тестовите што се направени само за инфлуенца, а ќе ги повторат, ќе видат дали има меѓу нив и некој со Ковид-19.

(МИА)