Караџиќ во Панама?
Веста дека во Панама е виден еден од најбараните луѓе на светот, поранешниот челник на босанските Срби, Радован Караџиќ, кој обвинет за геноцид, минатата недела доведе до ангажирање на полициите на четири држави и до рација на НАТО во домовите на неговиот син и ќерка во БиХ, објави американската ТВ мрежа Еј-Би-Си. Резултатот беше само уште една фрустрација за властите кои трагаат по Караџиќ уште од 1995 година, пренесува Хина. Меѓународната потрага почнала откако Американец кој во текот на војната бил во БиХ ја информирал полицијата дека во во предворјето на еден хотел во Панама Сити, главниот град на Панама, видел маж за кој мисли дека е Караџиќ. На барање на претставникот на ФБИ во Панама “сомнителниот” бил приведен но, наводно, рекол дека е чесен бизнисмен од Србија кој живее во Торонто, Канада, со регуларен иселенички статус. Властите се сомневале дека можеби имал направено пластична операција, особено што во еден момент канадските власти известиле дека “95 отсто биле сигурни дека е тоа Караџиќ”, врз основа на споредување со негова стара фотографија.
Рацијата во домовите на синот и ќерката на Караџиќ била со цел да се најде негова четка за заби или нешто слично што би можело да обезбеди примероци на ДНК. Подоцна полицијата на Канада, сепак, заклучила дека мажот не бил Караџиќ. Главната обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте, за Еј-Би-Си изјавила дека се работи за последната во низата од лажни узбуни и дека не гледа причина зошто тој бил го напуштил регионот.