Претседателот на Хрватска демократска заедница (ХДЗ) Томислав Карамарко претпладнево поднесе оставка за функцијата.

Оставката на Карамарко на лидерската позиција, следеше откако тој претходно се повлече и од местото прв потпреседател на хрватската Влада, бидејќи не успеа да обезбеди ново парламентарно мнозинство, откако ХДЗ заедно со опозицијата ја урна коалициската Влада на Тихомир Орешковиќ.

– Поднесувам оставка на местото претседател на ХДЗ. И ветив на партијата дека ќе успеам да обезбедам парламентарно мнозинство и не успеав во тоа. Затоа преземам одговорност. Сметам дека ова ќе и даде нов политички импулс на партијата, изјави Карамарко на прес-конференција во Загреб, додавајќи дека оставката не ја поднел под нечиј притисок.

– Во партијата сум практично од 1989 година и секогаш сум бил во функција на својата земја. Мислам дека ова ќе биде „нов ветер во грбот на партијата”, истакна Карамарко, заблагодарувајќи им се на сите членови на партијата како и на сите кои му дале поддршка.

– Беше убаво да се биде претседател на ХДЗ, ние во овие четири години добивме достоинство и се уште сме најсилна партија, додаде тој.