Канцеларија за стоте најголеми даночни обврзници
Управата за јавни приходи ќе отвори канцеларија за сто најголеми плаќачи на даноци во земјава, која треба да овозможи поефикасно даночно администрирање. Паралелно со оваа Канцеларија, ќе се формира и друга за големи плаќачи на придонеси во рамки на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а двете канцеларии според планот, треба да станат оперативни во јули идната година. Ова е дел од реформските чекори што што ги прави УЈП на патот кон приближувањето на европските стандарди. Пресметките покажуваат дека околу 50 проценти од вкупните даночни приходи во Македонија се алиментираат токму од најголемите даночни обврзници, и од тие причини како што истакна премиерот Владо Бучковски на вчерашната презентација на “Управата за јавни приходи-ваш партнер”, е неопходен специфичен приод кон овие компании.
Во наредниот период, според првиот човек на Управата, Петра Митева, еден од приоритетите ќе биде интегрирање на наплатата на сите даноци и придонеси во УЈП. Реформите, според неа, ќе се спроведуваат и во насока на воведување на нови информатички системи. Такви се електронската даночна евиденција, која треба да обезбеди поефикасен и модерен даночен систем, како и воспоставувањето на електронските даночни сервиси кои ќе овозможат целосна комуникација меѓу УЈП и даночните обврзници. Во првата фаза, Е-даночните сервиси ќе ги користат најголемите даночни обврзници, а пилот-проектот е предвиден за март 2006 година. Меѓу новините се планира и воспоставувањето систем за електронско пријавување на сите видови даноци преку веб-портал, што во првата фаза ќе го користат најголемите даночни обврзници кои ќе бидат опфатени со Канцеларијата.
“Беше време да се отвори ваква Канцеларија. Тоа го бараше од нас и ММФ. За нас големите плаќачи на данок ова е исклучително добра работа бидејќи ќе има голема контрола и наплата на даноците и подобра соработка на УЈП со фирмите”, истакна Илија Гечев, прв човек на ИГМ Кавадарци.
Весна М. БОЖИНОВСКА