Напаѓачот на репрезентацијата на Мали, Фредерик Кануте е прогласен за најдобар фудбалер на Африка во 2007 година. Играчот на шпанската Севилја е првиот роден Европеец кој го доби ова признание, а во гласањето беше пред репрезентативците на Брегот на Слоновата Коска и Гана, стандарните првотимци на англискипот премиерлигаш Челзи – Дидие Дрогба и Микаел Есиен.

Кануте е номиниран зашто му помогна на Мали да се квалификува на Купот на африканскците нации, додека со Севилја триумфираше во Купот на УЕФА и Купот на Кралот.

Африканскиот фудбалер на годината го бираат селектори на 53 репрезентации од Црниот континент.

Кануте во младите селекции играше за Франција, а од 2004 година настапува за националниот тим на Мали, каде што е роден неговиот татко. Тој е првиот играч на Мали после Салиф Кеита во 1979 година кој го доби ова признание.

Признанието за 30-годишниот Кануте стигна само три дена по елиминацијата од Купот на Африка, а фудбалерот на Севилја се повреди во последниот натпревар против Брегот на Слоновата Коска.
Тунискиот и африканскиот првак Етоил Сахел е клуб на годината, а неговиот напаѓач Армин Шермити е прогласен за најдобар играч на африканското клупско натпреварување, додека најдобар млад фудбалер на континентот е Клифорд Муленга од Замбија.