„Платформата за чист воздух” содржи пакет мерки и барања кои идниот градоначалник на Скопје сериозно ќе ги има предвид и ќе стори се што е во негова моќ да ги реализира во рамки на неговиот/нејзиниот мандат.

Мерките и барањата за Градот Скопје се за чист воздух и здрава животна средина во градот.
Невена Георгиевска од О2 коалиција за чист воздух изрази задоволство затоа што за барањата добиле поддршка од кандидатите за градоначалник на Град Скопје.

– Ние сакаме да бидеме соработници, а не противници. Немаме намера да излегуваме на протести и да ве повикуваме. Сакаме во сите сегменти на овие проблеми да бидеме вклучени, да бидат проблемите транспарентно изнесени пред нас и да знаеме кога ви треба помош и од наша страна да се вклучиме, рече Георгиевски.

Од кандидатите за градоначалник на Скопје, како што посочи, бараат да се обврзат на нивните барања и еднаш засекогаш да го претворат Скопје во современ и зелен град.

– Сите имаме заедничка цел – решавање на проблемите. Да почнеме да ги решаваме и за четири-пет години да имаме многу помалку барања, рече Георгиевска и додаде дека во барањата има посочено сериозни проблеми и „жешки” еколошки точки кои се на територија на Градот Скопје.

Изјава за „Платформата за чист воздух” ја потпишаа Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, Петре Шилегов од СДСМ, Ѓорги Тодоров од Народно движење за Македонија, Ванчо Шехтански од ТМРО, Нафие Селмани од Движење БЕСА и Марија Џонс од Левица. На потпишувањето не присуствуваа Наим Бајрами од Алијанса на Албанците и Беким Фазлиу од ДПА.