Малата Надица влезе во Регистарот за посвојување. Сега веќе 9-месечното девојче чека семејство кое ќе се грижи за нејзината иднина. И покрај напорите на социјалните служби, биолошките родители не сакале да си ја вратат назад. Дефинитивно се откажале од детето.
-Ние како министерство и од центарот за социјални работи од Кавадарци, како надлежни за овој случај, дадоа максимум, бројно може и десетици пати остваруваа контакти со нејзините родители, им беше давана шанса, периоди на адаптација да размислат, да одлучат за истото, меѓутоа ете едноставно луѓето одлучија дека не се во состојба да се грижат за Надица, ние ја почитуваме таа нивна одлука, рече Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика.

По тешката операција на срцето девојчето успешно напредува и добро се развива. Ова го констатирале лекарите во Софија каде неодамна детето било на контролен преглед. И покрај ова засега ниту едно од 350-те семејства потенцијални посвоители не се изјасниле дека сакаат дете со здравствени проблеми како што се води Надица.
-Факт е дека кај дел од потенцијалните посвоители постои дилема околу фактот за здравствената состојба на детето. Но јас верувам дека за Надица во најскоро време ќе се најде семејство и Надица ќе може да расте со свои мама и тато, додаде Ристовски.

Уште пред 7 месеци кога Вечер и Сител ја објавија сторијата за тогаш беспомошната Надица, родена со срцева мана и напуштена од родителите, за болното девојче се заинтересира македонско семејство кое живее и работи во Канада. Тие се уште се борат со долгата законска процедура за да може да ја посвојат.

АЛЕКСАНДАР Динев