Институциите и политичките партии со уверување до граѓаните и членовите на изборната администрација дека ќе обезбедат заштита од ширење на Ковид-19 за спроведување на изборите и гласањето на предвремените парламентарните избори. Целта е да се заштити здравјето на граѓаните, но и да се постигне поголема излезеност на изборите.

Државната изборна комисија (ДИК), која го усвои ревидираниот Роковник за парламентарните избори на 15 јули, на вчерашната седница нагласи дека ќе се направи сè за заштита на граѓаните и членовите на изборните органи од ширење на коронавирусот за што тие веќе разговарале со здравствените власти со кои ќе изработат посебни протоколи што треба да бидат готови за два до три дена. Но, исто така од таму ги повикуваа и граѓаните да внимаваат на своето здравје.

Роковникот е подготвен согласно владината Уредба со законска сила за изборите, со која, меѓудругото се предвидува, молкот да започне на 12 јули на полноќ, на 13 јули да гласаат лицата со Ковид-19, во карантин и изолација за што ќе бидат формирани посебни избирачки одбори составени од здравствени работници и претставници на партиите, а на 14 јули другите болни и затворениците кои ќе се пријават за гласање седум дена пред денот на гласањето. Полнолетните граѓани со важечки лични документи на денот на изборите ќе можат да се изјаснат од 7:00 часот до 21:00 часот вечерта

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски нагласи дека претстои интересен период, но оти најглавниот и најголемиот предизвик е здравствената состојба и заштитата на здравјето во овој процес без разлика дали станува збор за избирачките одбори или општинските изборни комисии или здравјето на граѓаните.

-Како Комисија ќе се потрудиме да обезбедиме максимална заштита на здравјето на сите кои учествуваат во нашата изборна администрација, на околу 35.000 граѓани. Ќе обезбедиме пристап до гласачките места на малку поинаков начин, рече Деркоски појаснувајќи дека тие ќе се обидат да обезбедат гласачки места со целодневно проветрување и.т.н

Граѓаните да имаат доверба во ДИК и во изборната администрација, побара Деркоски, но и да ги следат препораките на здрвствените власти во натамошниот период затоа што е исклучително важно  за нашата држава да се гласа на изборите.

-На крајот нашата држава да биде оценета од сите набљудувачи како држава која одлично организирала во вонредни услови ваков изборен процес и тоа ќе ни биде уште еден чекор напред кон она што ние сите се стремиме, а тоа се евроинтегративните процеси кои следат есенва и понатаму, рече Деркоски.

Очекувањата се дека до почетокот на кампањата на 24 јуни ќе бидат објавени сите здравствени протоколи и, како што беше истакнато, и врз основа на нив ќе се едуцираат изборните органи, како и околу 500-те здравствени работници кои ќе бидат избрани да бидат дел од специјалните избирачки одбори.

Имајќи ги предвид сите напори што се прават за заштита на здравјето и на ангажираните 35.000 лица членови на ИО и ОИК, како и изборната администрација, од ДИК ги охрабруваат да продолжат со нивната работа.

ДИК има ангажирано Агенција која ќе направи кампања за информирање и едукација на граѓаните за начинот на гласање, согласно Изборниот законик и уредбите на Владата.