Македонските банки ги вртат заштедите на населението за евтини пари. Додека тие дебело профитираат од високите камати што ги наплатуваат на кредитните пласмани наменети за граѓаните, за парите што населението им ги остава на “чување” плаќаат речиси двојно пониски камати. Па така, додека каматата на кредитите се движи од 14 до 25 насто пресметано на годишно ниво, онаа што ја добиваат граѓаните кои имаат депонирано пари во банка е повеќе од симболична. Без разлика дали се штеди во денари или девизи, каматниот ќар е занемарлив.
Според официјалните податоци на Министерството за финансии, добиени од банките во земјава, годишна каматна стапка на денарските штедни влогови по видување, се движи од 0,5 до 3 насто во зависност од тоа во која банка се депонирани денарите. Оваа камата важи и за позитивно салдо на тековните сметки, а само за илустрација доколку се влезе во црвено салдо, банката ќе го казни корисникот на сметката со законска затезна камата, која во сите банки е дури 19,5 насто или трипати повеќе од есконтната стапка на Народната банка на Македонија, која е еден од реперите на банкарите во кроењето на каматните стапки.
За орочени денари, пак, каматата зависи од рочноста, односно на кој период се оставени парите во банка и во која банка. Па така, за орочни денари за период од еден до 36 месеци, каматата во повеќето банки се движи околу 4,5 насто, а само во неколку достигнува до 11 насто на годишно ниво. И за депонирани девизи каматата е повеќе од ниска. За илустрација, доколку се остават евра по видување ќе се добие камата од 0,50 до 1,10 насто годишно, а за орочени евра од еден до 36 месеци годишна камата се движи од 0,80 до пет насто во зависност во која банка и на кој период се орочени средствата. Освен еврата, кои се доминантна валута во структурата на заштедите на населението во Македонија, граѓаните најмногу штедат и во американски долари. На доларите по видување банките плаќаат камата од 0,20 до 1,5 насто , а доколку американската валута се орочи за период од еден до 36 месеци, каматата што се добива се движи на годишно ниво од 1,50 до пет насто.
Вака ниската цена што ја плаќаат банките на заштедите, според нив се должи на фактот што најголемиот дел од заштедите на граѓаните или дури 60 насто се во девизи и тие се чуваат во странски банки од кои не се добива висока камата. За илустрација, странските банки за евра по видување на нашите банки им плаќаат камата од само 0,80 отсто годишно. Вториот момент, велат банкарите, е што десет отсто од вкупните депозити (денарски и девизни) одат во НБРМ како задолжителна резерва, а Централната банка за депонираните денари на банките им дава само 0,16 насто камата годишно, додека на девизите на кои до неодамна се плаќаше еден отсто камата , сега НБРМ не дава ниту цент.


Весна М. БОЖИНОВСКА