Министерството за образование и наука разгледува неколку можни сценарија за почеток на новата учебна година. Според епидемиолозите, извесно е дека Комисијата за заразни болести ќе предложи учебната година да започне со физичко присуство, но со редуциран број ученици во исто време во училница.

На социјалните мрежи родителите даваат и свои идеи како најдобро децата да бидат заштитени, но и физички присутни во училницата.

Во Министерството за образование и наука засега нема прецизен план, иако се размислува за повеќе опции.

Можно е да бидат скратени наставните програми и наместо 180 дена во годината, работни да бидат 100, а зимскиот распуст, кога се во ек вирусите и настинките, да трае три месеци, наместо три недели како што беше досега. За сево ова, сѐ уште нема конечна одлука.

Многу е извесно дека наставата ќе се одвива комбинирано – со физичко присуство и остатокот на интернет, а друга опција е целосно функционирање со физичко присуство на часовите.

Третата опција е наставата целосно да биде онлајн. Во однос на одлуката, здравствените и образовните власти треба да се внимателни со оглед на тоа дека здравјето е тоа што треба да биде приоритет.