Ако новиот мандатар е Заев, и тој ако сака да добие поддршка за да формира влада, ќе треба да ја прифати албанската платформа. И не само тоа, туку и програмските барања на ДУИ. Законот за официјализација на албанскиот јазик и продолжувањето на мандатот на СЈО ќе треба да ги изгласаме пред да се формира новата влада. Како услови за формирање влада партиите потписнички на платформата, особено Беса и “Алијансата за Албанците” ќе треба да го испочитуваат принципот на кој тие инсистираа – мандатарот, односно идниот премиер, да не биде судски инкриминиран – вели висок функционер на ДУИ, анализира Дневник.
Неодамна, портпаролот на ДУИ, пишува Дневник, Бујар Османи, во интервју за телевизија на албански јазик потврди дека ДУИ во евентуална влада со ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира во неа да нема личности што се под истрага. На прашањето дали ако успеат да создадат влада со ВМРО-ДПМНЕ, максимално ќе инсистираат личностите од таа партија што се под истраги да не бидат дел од извршната власт, Османи одговори:

– Мислам дека да. Наспроти дилемата што ја отвора ДУИ и во очекување кому Иванов ќе му го додели мандатот за нова влада, од Беса и од “Алијансата” велат дека нема пречка да седнат на преговори со Заев ако тој биде новиот мандатар, но додаваат дека и за него ќе важат условите од платформата.

– Платформата е добра рамка за преговори и остава простор да се договориме. Нема да седнеме на маса со Заев ако јавно ја отфрли албанската платформа – велат од Беса. Официјално, од партијата на Билал Касами се повоздржани. На прашањето дали ќе преговараат со Заев како мандатар, велат дека не можат да кажат ништо конкретно, бидејќи во моментов мандатот не му е доделен на СДСМ. Од Беса, како што објави “Дневник” сметаат дека прво треба да профункционира Собранието и ако СДСМ преземе иницијатива за формирање парламентарно мнозинство, тие ќе ја поддржат таа иницијатива, притоа не прејудицирајќи дали ќе бидат дел од таа влада. Од Беса повторија дека стојат зад заедничката платформа на албанските партии, иако, според нив, ДУИ со тоа што почнала преговори со ВМРО-ДПМНЕ, која јавно се изјаснила против декларацијата, ја прекршија платформата.

– На платформата гледаме како на моментна рамка, но силно се залагаме за реализирање на нашата платформа за редефинирање како единствено долготрајно решение кое Македонија ќе ја направи функционална држава – велат од Беса. Според Беса, за евентуални избори може да стане збор само ако претходно се исцрпат сите напори за формирање стабилна политичка влада. Сметаат дека изборите не се решение, туку напротив, дополнително ќе ја продлабочат кризата. Зијадин Села од “Алијансата за Албанците” за медиумите веќе изјави дека Македонија нема време за губење и оти што поскоро треба да се формира стабилна влада. Села му порача на Заев да се изјасни за албанската платформа.

– Ако Заев сака да формира влада, треба да се фати за работа, а не и натаму да чека да се изјасни за албанската платформа откако ќе го добие мандатот, оти тоа може никогаш да не се случи. Да се фати за работа и да се обезбеди парламентарно мнозинство, за и ние да бидеме во согласност со уставните правила. Сега е времето, за тоа што го велеше во кампањата, да седнеме и да го спроведеме – порача Села. И Села, како и Беса, смета дека изборите не се решение за кризата. И од Унитети на Гзим Острени ни потврдија дека немаат ништо против да седнат на преговори за влада со Заев, но и оттаму потенцираат дека услов за поддршка на новата влада е албанската платформа.