Веќе некое време девојките ширум светот како да се откажаа од високите потпетици и тесните парчиња и целосно и се „предадоа” на лежерноста на спортската облека.

Таков пример се и најдобрите пријателки Кендал Џенер и Џиџи Хадид кои како модни икони во моментов, постојано одбираат разни начини да ја промовираат спортската облека како дел од нивниот стил.

Тие без проблем комбинираат широки блузони со куси тексас панталони и елегантни високи потпетици, а тука е и Ријана која во неколку наврати комбинирала тренерки со потпетици.

Ако порано спортската облека ја користевме единствено за долги прошетки, вежбање во фитнес центарот или трчање, денеска таа има сосема поинаква намена.

Земете ги за пример плисираните здолништа што порано ги носеа девојките што играа тенис во комбинација со едноставни бели маички на куси ракави и бели патики, кои денеска се чест избор на девојките и во секојдневието.

Ист беше случајот и со Сузан Ленглен која во 1919 – тата се појави на Вимблдон во навистина кусо бело фустанче без ракави со карнер во долниот дел за што беше многу озборувана, но сепак го освои медалот во мечот против Доротеа Ламберт.

Токму овој модел фустан во милион нови варијанти веќе неколку сезони е еден од најпосакуваните кај девојките и всушност воопшто не е дел од некаква спортска облека како што тоа било случај тогаш.

И ако спортските патики порано се носеа единствено со спортски парчиња како тренерки и шорцеви, денеска девојките ги комбинираат дури и со елегантни фустани и понекогаш тоа изгледа навистина шик.

Уште едно револуционерно спортско парче кое денеска е едно од најпопуларните, се кусите шорцеви кои беа во фокусот во 30 – тите кога тенисерката Хелен Џејкобс за прв пат се појави на теренот со она што дотогаш важело исклучиво за машка спортска опрема.

Денеска, овие шорцеви имаат бројни нови верзии и варијации, но сепак го задржаа неверојатниот стилски момент на висок струк и широки ногавици од половината надолу, а истите се одличен партнер на кусите блузички, елегантните кошули или пак соодветните палта.

Едноставните бели памучни маички отсекогаш биле симбол на спортот, без разлика дали станува збор за машки или женски спортисти.

Денеска, истите со сета своја убавина и минимализам се многу чест избор на трендсетерките кои обожаваат да ги комбинираат со широки фармерки, шик чевли и минималистички накит.

Тајната зошто тие се омилен дел од облеката на секоја девојка е едноставна – истите се многу лесни за комбинирање со други парчиња, како и со чевли и накит.