Што велите за една роденденска забава? Ако имате некој пријател роден во овој период од годината можете, наместо подарок, да му организирате пријателски собир со повод и со интересна храна. Заменете ја традиционалната руска салата со нешто ново. Обидете се со денешниве рецепти!



Говедска салата
Потребно е: половина килограм говедско месо, 3 кисели краставички, 2 варени јајца, 1 главичка ситно сечкан кромид, сол, црн бибер, оцет и масло. Подготовка: Месото сварете го и одвојте ги сите мрсни делови, па потоа исечете го на тенки кришки. Краставичките исечете ги на крукчиња и маринирајте ја салатата со мешавина од сол, бибер, масло и оцет. Ставете во стаклена длабока чинија и украсете со варени јајца и малку магдонос.


Франкфуртска салата
Потребно е: половина килограм виршли, 4 кисели краставички исечени на стапчиња, шолја мајонез, 1 лажица сенф, 1-2 лажици кечап. Подготовка: Виршлите сварете ги во вода. Ако се во пластична фолија, излупете ја пред варењето. Кога ќе се изладат исечете ги накосо на парчиња со големина од околу 2 см. Мајонезот измешајте го со кечапот и сенфот. На виршлите додадете им ги сечканите краставички и прелејте со подготвениот дресинг од мајонез.


Салата од компир
Потребно е: 1 кг компир, сол, бибер, масло, оцет, 1 чаша супа (може и од коцка) или редок мајонез. Подготовка: Убаво измијте го компирот и сварете го заедно со лушпата во малку солена вода. Кога малку ќе се излади излупете го и исечете го на кругови, но не премногу тенки. Измешајте го оцетот, маслото, биберот, сушените зачински растенија по желба и со тоа прелејте ја салатата. Додадете чаша супа за да биде компирот сочен или наместо супа, кога салатата ќе се излади, додадете редок мајонез.


Салата од карфиол
Потребно е: 1 помала главица карфиол или едно пакување смрзнат карфиол, половина шолја варена зелена боранија, сол, бибер, оцет, масло, 1 варена жолчка од јајце. Подготовка: Карфиолот обарете го во солена вода. Додадете малку млеко за да остане карфиолот бел. Потоа исцедете го и одвојте го на цветчиња. Наредете ги во стаклена длабока чинија. Околу карфиолот распоредете ја зелената боранија, исто така обарена во солена вода. Измешајте го маслото и оцетот и со тоа прелејте го варениот зеленчук, а одозгора изрендајте ја варената жолчка.


Салата од црвена зелка
Потребно е: 1 главица црвена зелка од 1 кг, 125 гр сува месеста сланина, 2 лажици масло, половина чаша суво бело вино, сол, оцет, малку шеќер, бибер. Подготовка: Сланината исечете ја на коцки, а зелката на тенки резанки. Сланината испржете ја на масло, додадете ја зелката, па виното и гответе дури не омекне. Откако ќе ја тргнете од шпоретот додадете шеќер, сол, масло, а ако е потребно и оцет и бибер. Сето тоа добро измешајте го и оставете да се олади. Можете да го сервирате на чинија во цели листови од зелка.




И за крај… НЕШТО УЛТРА СЛАТКО


Роденденска торта
Потребно е: за сирупот – 3 лажици шеќер, 6 лажици јако, исцедено кафе и три ребра стопена чоколада; за тестото – 10 јајца, 200 гр шеќер, 200 гр мелени ореви, 2 лажици презла, 2 лажици брашно; за филот – 4 жолчки, 4 лажици шеќер, 6 лажици цедено кафе, 2 ребра стопена чоколада, 250 гр изматен путер или маргарин; за глазурата – 4 белки, 7 лажици шеќер, сок од еден лимон. Подготовка: Прво сварете го сирупот од шеќерот, кафето и чоколадата. Кога ќе се згусне, тргнете го од огнот и оставете го малку да се олади. Изматете ги белките за тестото во цврст снег. Жолчките матете ги одвоено заедно со шеќерот, па додадете го изладениот сируп и матете додека не станат густа пенлива маса. Тогаш додадете ги оревите, презлите и брашното, па во оваа маса измешајте ги белките. Сипете ја сета оваа маса во калап обложен со подмачкана фолија и печете додека тестото не се одвои од работ на калапот. Тортата откако ќе се испече ставете ја на решетка и оставете сосема да се олади, а потоа пресечете ја хоризонтално на три листа. Жолчките за фил изматете ги со шеќерот, додадете кафе и стопена чоколада, па варете го кремот на пареа додека не се згусне. Кога кремот сосема ќе се олади, постепено со постојано мешање измешајте го со веќе изматениот путер или маргарин. Со овој фил ќе ги премачкате листовите торта. За глазурата на пареа ќе ги изматите белките заедно со шеќерот да формираат цврст снег, на кој постепено ќе му го додадете сокот од лимон. Со оваа глазура намачкајте ги рабовите од тортата, а одозгора користете шприц за декорација. Тортата можете да ја украсите со зрнца кафе, со ливчиња чоколада или како што е на сликата.