Светот се соочува со сериозна глобална пандемија, а владите преземаат драстични мерки во борбата против ширењето на Ковид-19. Но, многу родители изразија загриженост за тоа како глобалната криза ќе влијае врз нивните деца овој период, но и на подолг рок.

Никој од нас не ја сака неизвесноста, а оваа криза е многу тешка за нашите деца. Исто како и ние, и децата доживуваат голема загуба на нивниот нормален живот, вели психологот Џеневив фон Лоб од САД.

Таа истакнува дека децата може да се борат со многу ненадејни промени во нивното секојдневие, да им недостигаат нивните другари и нивните нормални рутини.

Кога децата се под стрес, честопати тоа се изразува во физиолошки промени и промени во расположението и однесувањето. За жал, немаме прирачник за родители што ни овозможува да свртиме во некое поглавје за деца и пандемии за да знаеме како да постапиме, вели Робин Гуривич, професор по психијатрија на Универзитетот „Дјук“, специјализиран за психичко здравје на семејството и децата.

Децата не секогаш ги вербализираат своите борби, но вознемиреноста, депресијата и другите проблеми со менталното здравје можат да се манифестираат на различни начини. „Хафингтон Пост“ разговараше со Гурвич, Фон Лоб и други експерти за да дознае за некои од овие индикатори.

Регресивно однесување

Во принцип, сите ние ќе се повлечеме малку во нашето функционирање во ова време на голема транзиција, вели психотерапевтот Ноел Мекдермот.

Децата повеќе ќе регресираат од возрасните и колку е помало детето, толку ќе биде поголема регресијата.

Однесувањето за кое мислевте дека вашето дете повеќе го нема може одеднаш да се појави. Ова може да вклучува цицање на палецот, потребна за одредена играчка како утеха, мокрење во кревет или други проблеми со извршувањето нужда.

 Регресијата е нормална во периоди на стрес и неизвесност, истакнува Фон Лоб.

Промена во апетитот

Апетитот и спиењето на едно дете честопати се првите знаци што покажуваат дека нешто не е во ред. Честопати детето ќе има нагло зголемување или намалување на апетитот, вели Наташа Даниелс, терапевт за деца.

Родителите треба да внимаваат на промените во навиките на јадење, вклучително и губење на апетитот или зголемен апетит. Ова често се забележува кај постарите деца и тинејџерите.

Проблеми во спиењето

Спиењето исто така може да се промени. Обрнете внимание ако вашето дете спие цел ден или обратно – тешко заспива или се буди навечер, вели Даниелс.

Нарушувањата на сонот се вообичаени во тешки времиња, така што децата може да доживеат несоница, кошмари, будење во текот на ноќта и други проблеми.

Промена во расположението

Ги советувам родителите да бараат промени во нормалното однесување на детето, вели клиничкиот психолог Џон Мајер.

Истото важи и за нивното емотивно ниво бидејќи може да се очекуваат промени во расположението.

Ваквото однесување вклучува лути испади, ненадејно плачење, раздразливост, губење интерес за омилените активности и изолирање од другите.

Барајте промени во нивниот нормален темперамент и расположение, вели Крег А. Нипенберг, терапевт.

Тој истакнува дека вознемирените деца веројатно ќе се чувствуваат повознемирени додека оние со проблеми со лутината може да имаат почести испади.

Уверување дека ќе биде во ред

Вознемирените деца може да поставуваат повеќе прашања од вообичаено и може да бараат уверување дека сè ќе биде во ред, вели Фон Воб.

Децата и тинејџерите може да изразат загриженост за сопственото или туѓото здравје, за иднината, па дури и смртта.

Повлекување

Од друга страна на спектарот, некои деца може да почнат да ги игнорираат членовите на семејството во нивниот дом или да изберат да ја отфрлат можноста да се поврзат со најблиските виртуелно.

Некои може да бидат повлечени и да се повлекуваат во своите соби за да поминат повеќе време на технологија и телефони, вели Фон Лоб.

Соматски проблеми

Додека родителите обрнуваат внимание на физичкото здравје на нивното семејство и какви било загрижувачки симптоми на Ковид-19, можно е и менталните борби на децата да се манифестираат во нивните тела.

Кај децата може да се зачестат поплаките на главоболки, стомачни болки и помалку енергија. Овие се реални, но веројатно не се од медицинска причина, објаснува Гурвич.

Проблем со фокусирањето

Постарите деца и тинејџери може да се борат да се фокусираат на училишните задачи или да ги одложуваат затоа што лесно им се одвлекува вниманието.

Може да имаат проблеми со вниманието, концентрацијата и новото учење, што ќе влијае врз образованието, вели Гурвич.

Можеби детето ќе заборави да ги извршува секојдневните активности што ги извршувало веќе некое време. Можеби нема да се сети дека сте му рекле да изврши некоја задача, додава Гурвич.

Глумење

Во време на криза родителите можат да го набљудуваат и да го проценат однесувањето на нивните деца. Дали тие реагираат повеќе од вообичаено? вели Денис Даниелс, експерт за развој на деца.

Децата може да почнат да вршат притисок врз границите, да покажат повисоки нивоа на агресија, да не ги почитуваат инструкциите или да се расправаат со членовите на семејството.

Родителите може да забележат зголемена промена во расположението, тантруми или емоционални испади со оглед на стресот на ситуацијата и/или во врска со сите што живеат во близина, вели Стефани Ли, директорка на Центарот за аутизам и виш директор на АДХД и Центар за нарушувања во однесувањето во Институтот „Чајлд мајнд“.

Какви и да се промените во расположението или однесувањето, важно е родителите да разберат дека можат да помогнат во негувањето на емоционалната благосостојба на нивните деца во ова време.

Освен што можат да побараат професионална помош, родителите можат да поттикнат отворен дијалог со своите деца, да ги потврдат нивните чувства, да ги коригираат дезинформациите, да вежбаат трпеливост, да воспостават рутини и други извори на стабилност, да ја олеснат виртуелната комуникација со пријателите и семејството, да планираат безбедни активности во природата и споделување можности да им помогнеме на другите и да направат разлика во светот, дури и од границите на домот.

Иако овие промени во однесувањето се вообичаени во стресни периоди, тоа не значи дека нема што да се направи. Родителите треба да играат важнa улога затоа што тие треба да им помогнат на своите деца да се справат со новата „нормална ситуација, вели Гурвич.

ИЗВОР: ДЕЦА.МК