Италијанскиот шампион Милан победи во пет од девет номинации на прексиноќешната церемонија, при врачувањето на наградите на Асоцијацијата на фудбалерите во Италија за најдобрите во 2004 г. “Плејмејкерот” на миланезите, Кака, кој постигна десет гола минатата сезона, е прогласен за најдобар играч во Серија А и најдобар странец. “Бразилецот е школуван фудбалер”, изјави претседателот на асоцијацијата, Серџо Кампања. Капитенот на Милан, ветеранот Паоло Малдини, е прогласен за најдобар дефанзивец, тренерот Карло Анчелоти – стратег на годината, а напаѓачот Андриј Шевченко за стрелец на најубавиот погодок во “калчото” (постигнат против Парма во јануари минатата година). Капитенот на Рома, Франческо Тоти, го понесе признанието за најдобар домашен фудбалер, а голманот на Јувентус Џанлуиџи Буфон за најдобар чувар на мрежата. Голгетерот на Парма Алберто Џилардино, е прогласен за најдобар млад играч, додека Пјерлуиџи Колина, според очекувањата, е судија број 1 за лани. За сите горенаведени лауреати, гласаа играчите од Серија А.