Проблемот со правилно управување со колективните станбени згради е се поактуелен. Лиценцираните управители на зградите кои имаат својство на правно лице се оние кои преземаат обврска за редовно и квалитетно одржување на колективните станбени згради.

Согласно последниот извештај на регулаторната комисија за домување, во Регистарот на управители на станбени згради, заведени се 36 активни правни лица кои се регистирани во 11 градови низ земјата, чија должност е да водат грижа за одржување, хигиена, навремено подмирување на сметките за електрична енергија во зградата, вршење занаетчиски работи и слично.

Лиценцираните управители на станбените згради веќе шеста година функционираат на пазарот, и конечно повеќето се согласни дека постојат проблеми со кои се соочуваат во тековното работење од аспект на непочитување на законите кај голем дел од правните субјекти кои се регистрирани, а кои претставуваат нелојална конкуренција на пазарот, и тоа во повеќе сегменти.

– На пазарот функционираат лиценцирани управители кои се уште не издаваат фактури за своето работење, туку уплатници и тоа за неколку месеци однапред, што е спротивно на законот. Повеќето од управителите немаат точно утврдени ставки во резервниот фонд на зградите, а други пак со парите од фондот плаќаат тековни сметки, наместо да им служат за инвестициски активности во зградите. Неопходно е релевантните институции да ги заострат критериумите за одземање на лиценците на управителите. На крајот, најпогодени од несовесното работење се секогаш граѓаните, истакна претседателот на Групацијата за домување и управување со станбен и деловен простор, Васе Самараков.

Како еден од посериозните проблеми со кои се соочуваат станарите е таканаречениот “легален грабеж” при што станарите секој месец им плаќаат пари на управителите, за редовен и резервен фонд, а наместо со тие средства да се покријат сите трошоци на зградата, остануваат огромни долгови за електрична енергија, а често се случува да дојде и до прекин со снабдувањето.
Кога зградата ќе ја преземе друг управител, најчесто наидува на нецелосна документација, големи долгови, исклучена струја, нечист влез и празни сметки на фондовите на зградата, проблеми кои имаат тежина како за станарите, така и за новите управители.

Групацијата за домување има доставено писмено барање до регулаторната комисија за домување, за елиминирање и решение на постоечките проблеми, со надеж дека потребите на граѓаните ќе бидат задоволени. Иницијатива за формирање посебна инспекција за домување постои, а на надлежните им преостанува да преземат мерки за нејзина реализација во најкус можен рок. (Е.С.)