Жестока дебата по амандманите за законите за медиуми

И третиот ден на амандманската расправа за Законите за медиуми, опозицијата го продолжи со низа обвинувања. Во фокусот на комисиската расправа беа амандманите предложени од СДСМ за финансирање и донации на медиумите за време на политичките кампањи.

Опозицијата бараше да додаде член во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги каде што ќе се забрани медиумите да се јавуваат како донатори на политичките партии, кој не беше прифатен. Исто така, не беше прифатен ниту предложениот амандман со кој се бара буџетите за рекламирање од државните институции, јавните претпријатија и локалната самоуправа да бидат распределени пропорционално според рејтингот и читаноста на медиумите, а тоа да биде во надлежност на Агенцијата за медиуми
– Предлагате дека само националните телевизии да можат да емитуваат на целата територија рекламни кампањи на државни органи, јавни претпријатија, институции, додека општините ќе може да емитуваат само на регионалните телевизии. Јас вас ве прашувам, ако нема регионални телевизии, каде вашиот претседател Зоран Заев ќе го рекламира Струмица опен фестивал дека ќе дојде Северина или Цеца? Може ќе сака да емитува на Телма или Алфа или да рекламира на друга национална телевизија и вие тоа го ограничувате, изјави министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, кој додаде дека ваков предлог е неприфатлив.

На ова Емилијан Станковиќ од СДСМ му предложи на министерот Ивановски да го поправи амандманот по негов терк.
-Нека дадат пауза и вие поправете го амандманот по ваше. Јас веднаш ќе одржам прес конференција на која ќе ви се заблагодарам. Не играјте на мали голови, изјави Станковиќ.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека опозицијата во трите дена од расправата за Законите за медиуми ја блокира работата на комисијата и прави опструкции за донесување на законите коишто се од важно значење за Република Македонија.
– Во изминатите три дена ние како владејачко мнозинство се обидовме да ве сослушаме и да ги прифатиме сите ваши забелешки за во предвидениот рок да помине расправата на сите предложени амандмани за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиуми, истакна Бонева и ги повика пратениците на опозицијата да не ја прекинуваат работата на Комисијата за транспорт и врски. Таа потенцираше дека амандманската расправа за законите за медиуми мора да биде завршена до крајот на денот, бидејќи тие се од важно значење за државата.

До паузата беа поминати околу 70 амандмани од вкупно предложените 94 за Законот за аудиовизуелни медиумски услуги од кои 20 беа прифатени, во најголем дел предложени од опозицијата. Расправата за Законот за медиуми на кој има доставено околу 30 амандмани не беше ни започната.

Опозиционерите дрско целат кон инциденти
Нетрпеливост, навреди и вербални пресметки кои прераснуваат во инциденти се сликата која се повторува во македонското Собрание. Во средата на Комисијата за транспорт и врски на која се дебатира за Законите за медиуми беше спречен инцидент помеѓу пратениците на СДСМ и претседателот на Комисијата, Реџаил Исмаили.

Пред изгласување на буџетот кон крајот на минатата година, пратениците на СДСМ направија вистински хаос од провокации во Законодавниот дом под команда на Бранко Црвенковски. Тој повеќе не е на претседателското место во партијата, но инцидентот предизвикан вчера наликува на едно од неговите сценарија.

Тоа што вчера се случуваше на Комисијата не е ништо ново кога се во прашање пратениците од СДСМ. И покрај новото раководство кое ветуваше и се уште ветува темелни измени во структурата на партијата, а се уште нема. Не е прв пат пратеник на СДСМ да одзема микрофони, да се заканува и да пробува физички да се пресмета. Во случајов тоа беа пратениците Благоја Стојановски, Весна Бендевска и уште неколку пратеници на СДСМ. Да не заборавиме, на 24 декември минатата година СДСМ отиде толку далеку што си дозволи физички да го нападне претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, и да го заземе Собранието и да го блокира.
Ова е само потврда на претпоставките на експертите дека СДСМ е далеку од реформи во партијата или она второто дека сепак претседателот Зоран Заев никако не може да се наметне врз оние кои важат како поддржувачи на Бранко Црвенковски, а тоа се претежно пратениците на СДСМ.