Во Кавадарци утре, 19 септември, ќе гостува еден од најдобрите Фолклорни ансамбли од Србија “Типопластика” од Горњи Милановац.

На нивниот самостоен концерт во салата на кавадаречкиот Дом на култура, гостин ќе му биде Фолклорниот ансамбл “Тиквеш” при Домот на културата во Кавадарци. Исто во сабота кавадаречки поети, музичари и ликовни уметници, ќе се претстават во Гостивар, заедно со уметници од градот домаќин, а во рамките на манифестацијата “Урбани сценски мостови”.

Овие настани се вовед во манифестацијата “Кавадаречка културна есен 2015” која од некаде 15 октомври до крајот на ноември месец годинава, ќе понуди над 50 настани од сите области на уметноста (ликовна, музичка, литературна, драмска и сл.).

Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе” од Кавадарци ја подготвува и својата најнова премиера, претставата “Женидба” по текст на Гогољ, а во режија на Драган Вељановски (како гостин). Премиерата се очекува кон крајот на октомври.