Предлог-законот за железници влегува во собраниска процедура и треба да биде усвоен до крајот на месецов со што се исполнува предусловот за спроведување на акциониот план за трансформација на ЈП “Македонски железници” со поделба во две претпријатија, за инфраструктура и за транспорт.
“Со носењето на овој закон се финализираат активностите за завршување на трансформацијата на МЖ, процес на кој што Владата интензивно работеше во изминатиот период, претстои техничко завршување на трансформацијата, односно формално правно формирање на двете компании”, појасни на вчерашната прес-конференција заменик-министерот за транспорт и врски Дејан Кошутиќ.
Според најавите од заменик-министерот за транспорт, примената на новиот закон за железници ќе биде комплетирана и со новите закони за формирање агенција за железнички сообраќај и транспорт и за безбедност во железничкиот сообраќај, што Владата треба да ги усвои на наредната седница. (МИА)