Странци можат да станат сопственици на телевизија или радио во земјава. Исто така, странското физичко или правно лице може да основа радиодифузна организација под истите услови што важат и за домашните правни и физички субјекти. Ова е една од новините што се нудат во Предлог-законот за радиодифузија кој веќе е пуштен во владина процедура и од кој експертите очекуваат да го среди хаосот што владее во оваа област. Со новиот предлог-закон, на “Македонската радиотелевизија” како јавен радиодифузен сервис и се забранува да емитува реклами на политички партии и кандидати. Ова, според толкувањето на изготвувачот на законот, се прави да ја зајакне независноста на јавниот сервис и оневозможи политичка доминација врз него, базирана на материјална корист. Извршниот директор на јавниот сервис, место Собранието на РМ како досега, ќе се избира со двотретинско мнозинство на членовите на Управниот одбор на МРТВ и тоа врз основа на распишан јавен конкурс. Покрај јавниот и комерцијалниот сектор што егзистираат во радиодифузијата, се предвидува формирање на трет, непрофитен сектор. Изготвувачите на законот сметале дека со можноста за основање на ТВ или радио од страна на образовни, културни и други установи и здруженија на граѓани и фондации, на непрофитна основа, ќе им се овозможи на одреден специјализиран или маргинализиран дел од публиката поголема понуда на програмски содржини. По донесувањето на законот, во иднина, наместо концесии што досега ги издаваше Владата на оние што вршат радиодифузна дејност, Советот за радиодифузија на барателите ќе им издава работни дозволи, што е една од препораките на Советот на Европа. Советот за радиодифузија ќе има директор (сега е претседател) што ќе се бира на јавен конкурс.


Светлана БЛАЖЕВСКА