Комерцијална банка АД Скопје го отвори своето сопственичко досие. ЕБРД е најголемиот поединечен акционер со 6,3 отсто од капиталот на оваа банка. Звеза банк од Клагенфурд има 4,3 отсто од капиталот, Фершпед 4,2 отсто, Прва покојнинска дружба од Љубљана 3,8 отсто, КБ БПД – Борзно посредничка дружба – 3,6, Топлификација 3,4, Цементарница Усје 2,8 отсто, Д-р Пановски 2,4 отсто, Скопски пазар 2,3 и Брилијант од Штип 2,23 отсто. Ова се десетте најголеми акционери во Комерцијална банка заклучно со вчера, а нивното поединечно обелоденување, како што кажа на вчерашната прес-конференција, директорката на Секторот за ризици и планирање, Маја Штериева е поради се позачестените медиумски шпекулации, кои се или веќе не е, акционер во оваа банка.
Државата во банката преку своите претпријатија е влезена со 8,8 отсто од капиталот. Лани според неа, акциите на Комерцијална биле најтргувани на “Македонската берза”, а од Нова година наваму се истргувани вкупно 50.000 акции или малку помалку од 2 отсто од вкупниот капитал. И покрај контроверзните шпекулации за заминување на квалитетни акционери од банката од типот на Алкалоид, Макпетрол, Пивара, ТКС, директорката Штериева рече дека сите тие се се уште акционери на банката, но со помал процент и нивно акцинерско право е да оценат кога ќе ги продадат своите акции и за кој износ. Таа потврди дека Јака 80, фирма на контроверзниот Јовица Стефановиќ-Нини, е акционер во банката од неодамна со 1,4 отсто од акционерскиот капитал и 0,4 отсто купил Макброкер. И покрај овој процент на сопственост, Нини нема да влезе во управувачкото тело на банката, бидејќи, прво промената на Управниот одбор се врши на годишно собрание на акционери, доколку сакаат да го сменат, а второ ниту пет ниту дест отсто од сопственоста не значи членство во Управниот одбор по автоматизам, рече Штериева.
Излегувањето на видни фирми акционери од сопственоста на банката, наспроти влезот на нови акционери кои шпекулативно се врзуваат со сомнителен капитал од типот на “Јака 80”, Штериева не сакаше да го коментира оградувајќи се дека она што нив ги интересира е купопродажбата на акции да оди преку законски трансакции и дека немаат намера да се мешаат во ингеренциите кои ги имаат други регулаторни тела, вклучувајќи ја и Централната монетарна власт – НБРМ.
Што се однесува до потенцијалната продажба на Комерцијална на стратешки инвеститор, таа ја потврди оваа одлука на акционерите со напомена дека тоа мора да биде “бренд инвеститор”, кој со своето име треба да донесе дополнителна вредност, но банката нема да се продава по секоја цена.
Инаку, како повод за прес-конференцијата беше намалувањето на каматите на кредити на оваа банка во просек за 0,5 отсто.


Виолета ЦВЕТКОВСКА