Сала во Градскиот парк. Гледачи: 1.500. Судии: Дозаи (Хрватска), Војновиќ (СЦГ) и Анастопулос (Грција). Резултат по четвртини: 25:12, 21:24, 18:18, 26:33. Македонија: Стефанов 18, Стојановски, Соколов, Куртовиќ 6, Симиќ, Чековски 8, Тасовски 9, Гечевски 16, Ѓуровски, Стак 24, Ѓуров, Димитровски 9. Израел: Хагаг 3, Лимонад, Шасон 3, Кац 1, Маркович, Арнолд 30, Лубин, Тамир 6, Наор 12, Козикаро, Грин 13, Халперин 19. Натпреварот низ бројки: 4:4 (3), 16:8 (7), 25:12 (10), 64:48 (29), 79:75 (37), 83:81 (39), 88:83 (40 минута). Кошаркарската селекција на Македонија ја забележа првата победа во квалификацискиот циклус за ЕП 2007 во Шпанија идната година – група “Б” против солидниот состав на Израел. Иако беше видливо отсуството на свежина во играта на нашите играчи, посебно во финишот на мечот, сепак најдоа сили да го совладаат гостинот од Израел со 90:87. Квалитетниот скок (собравме 36 загубени топки наспроти 19 на противникот), добрата реализација (10 тројки од 23 обиди), посебно во првата четвртина, ни донесе предност, најголема во 29. минута (64:48). Меѓутоа, како што се ближеше финишот, паѓаше концентрацијата, свежината на нашите играчи, дозволија противникот со агресивност да стигне до 83:81 (39 минута), но сепак потпомогнати од гледачите најдоа сили да се изборат за победа. – По 46-часовен пат до Португалија и назад подобро и не можевме да одиграме. Психолошки бевме мошне оптоварени, бидејќи моравме да победиме. На крајот направивме и неколку грешки. Во моментов најважно е дека победивме, сега размислуваме само од натпревар за натпревар, вели селекторот на Македонија, Јорданчо Давитков. Неговиот колега од спротивниот табор Зви Шерф нагласува дека почетокот беше клучен за крајниот исход: – Бавно се вративме во игра, на крајот загубивме, но добро е што тоа беше изразено со мала кош разлика, која на крајот, во случај на формирање круг, може да биде мошне значајно, додава Шерф.


“Заморот придонесе во финишот да стравуваме за победата. Сепак, најдовме сили на крајот да се радуваме. Тоа е најзначајно” Мирза КУРТОВИЌ


Славчо ТРОШАНОВСКИ фото: В. ПЕРКОВСКИ