КОЛКУ ЧИНАТ ТЕЗГИТЕ НА МУЗИЧАРИТЕ

Додека македонската естрада кубури со по некој настап и по некое евро, соседите редовно ни навраќаат на гости за да си го товарат магарето, што би рекол нашиот народ, со по неколку илјади евра, а потоа “волим васс, љубим вас”, ” видимо се” и за крај фала и пријатно. Ова во превод значи дека турбо фолк соседите доаѓаат кај нас да каснат голем залак од една вкусна финансиска погача, додека на домашните музички имиња им оставаат трошки. За жал, по се изгледа само кај нас, најдобро платените музички имиња не се македонските пејачи.

Туку, ајде да одиме по ред и да ви го откриеме ценовникот до кој се придржуваат пејачите и да видите кој колку вреди на балканскиот музички пазар. Не е тајна дека пејачите одлично заработуваат, а на висината на хонорарот најмногу влијае тоа дали имаат актуелен хит, колку публика прима објектот во кој треба да настапат и, секако, каде се наоѓа. Сигурно дека не важи истата тарифа за настап во бившите југословенски републики и странство. Но, еве што велат сопствениците на клубовите и дискотеките кај нас, за тоа колку отприлика бараат и добиваат балканските ѕвезди кога треба да пеат пред македонската публика.

Во категоријата екстремно скапи пејачки имиња се Северина, Цеца, Здравко Чолиќ и Лепа Брена, кои не доаѓаат за цена под 30.000 евра за еден концерт. Ако сакате некоја од овие ѕвезди да ве забавува, ова е минимумот, за сума под оваа не сакаат воопшто да прават муабет, а таа може да достигне и до 50.000 евра.

По овие плафонски цени во некоја средно скапа категорија и на кои треба да им се искешира меѓи 10.000 и 20.000 евра се Жељко Јоксимовиќ (15.000 евра), Аца Лукас (12.000 евра), Сека Алексиќ (12.000), Харис Џиновиќ (12.000 евра плус 1.000 евра за специјална сцена). И во категоријата под 10.000 евра има еден куп музички имиња кои со години битисуваат на сцената, па така Адил чини 7.000 евра, ако сакате да ги ангажирате Тропико или Амадеус бенд ќе ве чинат 5.500, Саша Ковачевиќ доаѓа за 5.000, Џенан Лончаревиќ и Жељко Самарџиќ за 4.000, Црвена јабука и Дивље јагоде се задоволуваат со 3.000, а Бојан Маровиќ бара 1.500 евра за настап, ама сопствениците на клубови велат дека толку му е флексибилна цената што може да дојде и за само 500.

Најскапо платен македонски музичар е Кирил Џајковски, кој бара од 5.000 до 8.000 евра. А кога веќе зборуваме за домашните пејачки имиња, колку за споредба најскап е Владо Јаневски, кој бара 2.500 (и тоа пее на плејбек). И Каролина Гочева си држи цена, но е варијабилна и зависи од тоа дали пее на плејбек, во живо или е придружувана од бенд. Доколу пее на плејбек цената и е околу 1.000, а ако настапот е со бенд достигнува цена од 2.000 до 2.500 евра. Слаткар и Елена Ристевска бараат околу 1.000 евра, Тамара 600 за настап во клуб, додека Влатко Илиевски 100 евра помалку. Александар Тарабунов се задоволува со 400 евра… Бараат, а дали добиваат?! Публика тешко, хитови тенко, а и многу има печалбари од соседството, кои летово од Скопје и скопските отворени дискотеки добија шут-карта, ама затоа растурија низ внатрешноста.

По оваа споредба и вредноста на музичкиот пазар на домашните пејачки имиња и оние што ни навраќаат од соседството остануваат многу отворени прашања, а најважното секако е – до кога македонските пејачи ќе бидат ѕвезди на хартија и ќе дишат од ѕвездената прашина на колегитее од околината. До кога и најлошиот меѓу комшиите ќе биде многу поплатен и со попосетени настапи од најдобриот овде?!

А.Ѓошевска