Негативни се резултатите за коронавирус кај лидерот на СДСМ Зоран Заев, објави министерот за здравство Венко Филипче.

– Се продолжува со препораките, а тоа е самоизолација од една недела за двајцата лидери со оглед на тоа што контактот со зболениот бил пред една недела. Сите оние кои досега имале контакт со нив не се во никакво ризик и не треба да се тестираат, рече Филипче.

Претходно беше објавено дека негативни се резултатите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.

Двајцата лидери беа испитани откако беше потврдено дека позитивен на коронавирусот е новинарот во чија емисија гостуваа.

И Заев и Мицковски утринава напишаа на своите Фејсбук профили дека се во самоизолација и оти се чувствуваат добро.

Министерот за здравство Венко Филипче претпладне на вонредна прес-конференција информираше дека двајцата лидери од денеска се во задолжителна домашна изолација.

Од двете партии за МИА информираа дека лицата кои биле во секојдневен контакт со нив ги преземаат сите препораки од здравствените власти. И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ немаат информации колкумина од нивните блиски опружувања се во самоизолација или се веќе тестирани, туку само нагласуваат дека се преземаат сите превентивни мерки.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека лица со кои лидерот на партијата Мицкоски бил во секојдневна комуникација се веќе тестирани и оти нивните тестови се негативни.

Новинарот, кај кој е потврден вирусот, е хоспитализиран во ГОБ „8 Септември“. Според информациите што ги објави утринава министерот за здравство, тој е во стабилна здравствена состојба.

Попладнево на прес-конференција во Владата, директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат информираше дека новинарот бил во контакт со член од блиската фамилија кај кој е потврдено присуството на вирусот.