Шефот на Формула 1 тимот на “Рено”, Флавио Бријаторе (55) е типичен пример на успешен, средовечен, многу богат бизнисмен, кој своето драгоцено слободно време го користи на најубавиот можен начин – во постојана потрага по “жената која живот значи”. Овој ерген, кој пред петнаесетина години беше човекот најзаслужен за пробивот на италијанскиот текстилен гигант “Бенетон” на американскиот пазар, во светот важи за непоправлив латински заводник, кој не одбира средства за да биде во (интимно) друштво со најубавите и најатрактивните светски актерки, пејачки, спортистки, макенеки, пејачки… Последна во неговата низа, за која “бруи” италијанскиот печат, е прославената американска пејачка Мараја Кери, за која се тврди дека била гостинка на неговата фамозна јахта, која, случајно или не го носи името “Мараја”? Тоа се случило точно на 35. роденден на пејачката, на 27 март, кога двајцата отпловиле во непознат правец. Инаку, Бријаторе, последниве години беше во подолги или пократки врски со: Наоми Кембел, Никол Кидман, Хајди Клум (од која има детенце), Алена Середова и Фиона Сваровски, а бројот на помалку познатите и непознатите девојки во неговиот живот, се чини, не може да се открие. Честито, чичко Флавио.