x

И ЗА СЕМЕЈСТВАТА НА СПОРТИСТИТЕ ОВИЕ ДЕНОВИ СЕ ПОИНАКВИ: Елена, Магдалена, Благица и Ане ја раскажаа својата приказна

✍️ Подготви: Марија Ковачева

Коронавирусот ни го промени животот на сите. Бурните денови станаа минато, секојдневните обврски пред „Ковид-19“ добија поинаков тек, никој не очекуваше дека ќе дојдат вакви денови.

Новиот начин на функционирање најтешко им падна на спортистите и фановите. Салите, стадионите и вежбалните осамнаа празни, никој не може точно да го предвиди денот кога одново ќе се радуваме на победи и ќе тагуваме за сите порази…

Во исчекување на подобро утре, спортистите во домашни услови се обидуваат да ја одржат формата. Нивното присуство „24 часа“ дома е речиси невообичаено и за нив, но и за нивните семејства.

❗ СПОРТМЕДИА одлучи да подготви една поинаква приказна, предност да им даде на сопругите.

И во овие денови, токму припадничките на понежниот пол одново се главната потпора. И за нив, начинот на функционирање се промени, сега минуваат подолго време со своите сакани, особено за викендите кои во нормални услови се резервирани за натпревари.

Мои соговорнички се: Елена Митревска (сопруга на Николче Митревски, Еурофарм Работник), Магдалена Чадиноска Кузманоски (сопруга на Горан Кузманоски, Еурофарм Работник), Благица Миркуловска (сопруга на Филип Миркуловски, Вецлар) и Андријана Маркоска (сопруга на Никола Маркоски, Еурофарм Работник).

Овие четири прекрасни дами се различни на свој начин, но сите делат иста судбина. Токму нивната поддршка ги прави Николче, Горан, Филип и Никола успешни и силни во деновите кои во нормални услови би биле резервирани за спорт.

ШТО Е ПОТЕШКО ДА СЕ ДАДЕ ПОДДРШКА ВО ЕКОТ НА СЕЗОНАТА ИЛИ ЗА ВРЕМЕ НА КАРАНТИН?

Николче Митревски со семејство, ќерката Анастасија, сопругата Елена и синот Антонио

Николче Митревски со семејство, ќерката Анастасија, сопругата Елена и синот Антонио

ЕЛЕНА МИТРЕВСКА: Дефинитивно додека трае сезоната. Тогаш се вистинските предизвици на теренот. За време на карантинот само мирно чекаме да помине овој период. Никола е добар психички, иако ова темпо на живот сосема се коси со неговото вообичаено динамично темпо. Можеби првите дена без тренинг не му се допаѓаа, но се навикна на ,,домашарски” живот. Си воведе рутина и почна да вежба во домашни услови.

МАГДАЛЕНА Ч. КУЗМАНОСКИ: Би рекла дека е подеднакво тешко, но и многу различно. Во екот на сезоната се радуваме на победите и жалиме за поразите, и тоа е тој природен тек на емоции на еден спортист и потесното семејство. Новата ситуација малку го измени тој тек па одморивме од адреналинот, кој е неминовен на сите натрпревари. Знаете, за публиката во сала натрепварите се уживање и забава, но за нас сепак има и доза на притисок.

АНДРИЈАНА МАРКОСКА: Дефинитивно, во текот на сезоната, поради моите работни обврски јас сум во Скопје, додека Никола во Битола, и поддршката најчесто е само преку телефонски разговори.

БЛАГИЦА МИРКУЛОВСКА: Оваа ситуација е нова за сите нас, потребна е максимална поддршка за целото семејство. Во ситуација кога сите сме дома и кога од родителите се очекува да постигне сè, а притоа да не се открие напнатоста, сметам дека природно е најтешка поддршката во време на карантин.

КОЛКУ ВИ СЕ ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ? ДОБРО Е ПОЗНАТО ДЕКА СПОРТИСТИТЕ ИЛИ СЕ НА ТРЕНИНГ, ИЛИ ПАК НА ПАТ. ДАЛИ Е ЧУДНО БИДЕЈЌИ СТЕ ЗАЕДНО, ПА ДУРИ И ЗА ВИКЕНДИТЕ?

Никола Маркоски со сопругата Ане

Никола Маркоски со сопругата Ане

АНДРИЈАНА МАРКОСКА: Целосно ни се промени животот, секако на подобро. Како млад брачен пар, ни недостасуваат вакви денови во кои можеме да си посветиме малку повеќе време еден на друг. Чудно е, ретки се моментите кога сме постојано дома, заедно.

МАГДАЛЕНА Ч. КУЗМАНОСКИ: Има промена и во однос на семејството, истата е добредојдена. Ние последниве две години сме на релација Скопје -Битола. Калина е петто одделние и учи во Скопје, па не можевме да се преселиме и ние во Битола, затоа ги користевме викендите за да се видиме. Новонастанатата ситуација е шанса да поминеме подолго време заедно и тоа го правиме квалитетно.

БЛАГИЦА МАРИКУЛОВСКА: Додека живеевме во Скопје јас одев на работа, па кога се враќав дома, Филип одеше на тренинг, за викендите речиси ретко бевме заедно. Германија целосно ни го промени животот. На почетокот мислев дека тешко ќе функционираме иако 15 години бевме заедно. Никогаш не сме биле 24 часа заедно. Еве веќе 5 години сме во Германија и можам да кажам дека начинот на живот фамилијарно многу ни одговара. Имало  моменти на носталгија но се издржуваат.

ЕЛЕНА МИТРЕВСКА: Па да, по малку е чудно. До пред еден месец го баравме и коментиравме дека многу е отсутен, иако веќе сме навикнати. Спортот е професија која мора да ја прифатиш со сите предизвици кои ги носи. Но, сега е тука по цел ден и супер ни е. Знаеме дека ова е само период и затоа максимално го користиме. Антонио цел ден му носи топки на Никола да шутираат, а Атанасија не заспива без неколку од неговите измислени приказни.

ДАЛИ МОЖЕБИ ДЕЛ ОД УЛОГИТЕ ИЛИ ОБВРСКИТЕ СЕ ПРОМЕНИЈА?

Горан Кузманоски со сопругата Магдалена и ќерката Калина

Горан Кузманоски со сопругата Магдалена и ќерката Калина

МАГДАЛЕНА Ч. КУЗМАНОСКИ: Морам да признаам дека нема промена во обврските. Кај нас отсекогаш обврските биле поделени и сите тројца активно учестувавме, секој колку што може. Јас обожавам да готвам, а Горан е задолжен за разни шејкови и смути, па така некако балансираме.

БЛАГИЦА МИРКУЛОВСКА: Да и тоа многу. Тука начинот на живот е доста различен од дома. Ние сме доста поврзани со нашите семејства и често одевме на заеднички ручеци. Тука тој дел е оставен само на мене и не можеш никогаш да оставиш да немаш идеја или пак желба. Така да мојата улога се промени, кај Филип таа улога не баш (хахаха).

ЕЛЕНА МИТРЕВСКА: Кога на кратки периоди беше сам во странство, се фалеше дека некогаш сам си подготвувал ручеци. Ние се уште немаме пробано од неговите специјалитети (се смее). Овој период има можност повеќе да ужива и да се внесе во улогата на татко. Воглавно улогите не се променети. Но, знае да расчисти во кујната бидејќи му смета хаос (хаха). Овој период почнав да водам профил на „Инстаграм – @educative.fun.for.kids“ на кој објавувам забавни активности за деца, активности за развој на нивната интелигенција, главно работи кои вообичаено ги правиме со децата дома. Никола ми помага за средување на видеата, ставање ефекти, па таа помош ми е сосема доволна.

АНДРИЈАНА МАРКОСКА: Деновиве бидејќи имаме многу слободно време , постојано нешто се готви, се испробуваат нови рецепти, па кога на менито имаме подготовка на месо, Никола е главен во кујната. Во суштина, повеќето домашни обврски ги завршуваме заедно.

ПОСЛЕ КОЛКУ ВРЕМЕ СТЕ ЗАЕДНО 24 ЧАСА НА ДЕН?

Филип Миркуловски со сопругата Благица и ќерките Јована и Ања

Филип Миркуловски со сопругата Благица и ќерките Јована и Ања

БЛАГИЦА МИРКУЛОВСКА: Уф, после 19 години.

ЕЛЕНА МИТРЕВСКА: Околу една година, кога бевме заедно на одмор. Цел ден на исто место, нема каде да оди (хаха). Инаку и во текот на летото, кога имаат најдолга пауза, ретки се деновите кога цел ден сме заедно. Секогаш има обврски, контактира со многу луѓе, некоја активност поврзана со ракометот…Постојано е во движење.

АНДРИЈАНА МАРКОСКА: После четири години одвоен живот, сега сме заедно 24 часа на ден и воопшто не ни пречи.

МАГДАЛЕНА Ч. КУЗМАНОСКИ: Не паметам дека некогаш сме поминувале толку време заедно. Мислам дека ова е случај и со останатите семејства, брзиот начин на живот и секојдневните обврски ни го наметнаа тоа темпо. Ако сакаме оптимистички да гледаме, сметам дека и со новите ограничувања можеме да научиме нешто. Препораките се да одржуваме лична хигиена, но да не заборавиме и на хигиената на душата, подеднакво е важна. Ние почнавме заедно да вежбаме јога, да играме разни друштвени и едукативни игри, да читаме многу книги , тука се и училишните обврски на Калина, па можам да кажам дека засега воопшто не ни е досадно.

ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ БИДЕ СОПРУГА НА ЕДЕН СПОРТИСТ? КОИ СЕ НАЈТЕШКИТЕ ДЕНОВИ? КАКО ДЕЦАТА И ВИЕ ГО ПРИФАЌАТЕ НИВНОТО ОТСУСТВО?

МАГДАЛЕНА Ч. КУЗМАНОСКИ: Професионализмот е многу тежок и полн со предизвици и откажувања. Има некоја наметната динамика која не секој може да ја прифати и да се навикне. Не е лесно да се откажеш од својот личен напредок за да го поддржиш  партнерот. Јас тоа го сторив и не се покајав. Во изминативе 14 години живеевме во неколку европски земји, запознавме пријатели од целиот свет, голем дел од нив ги заскавме како дел од семејството и тоа ме прави навистина среќна. Јас не бев пасивен придружник, во Романија каде поминавме скоро 9 години во истиот град, волонтирав во неколку невладини организации и институции, па се збогатив со малку работно и огромно животно искуство. Сметам дека  поголемиот товар сепак е врз децата. Калина многу тешко ја прифати преселбата од Романија, таму порасна и таму го помина поголем дел од детството, но ете сепак имаше среќа да научи нови јазици, да запознае многу другарчиња, да и останат спомени кои ќе ги памети засекогаш. Сега почнуваме нов живот, од почеток и нормално навиваме со цело срце за Еурофарм Пелистер!

ЕЛЕНА МИТРЕВСКА: Од една страна е гордост и чест, навистина се радувам на неговиот успех. Играњето во странски клубови ни овозможи да живееме во градови, кои не знам дали би ги посетиле во други околности и професија. Од друга страна, тука се честите отсуства, неможноста за функционирање како сите останати семејства, отсуствата од важни настани и тоа што нивната професија тешко остава простор за професионален успех на сопругите. Најтешкиот дел е кога целиот товар на родителството паѓа на мене во периодите кога е отсутен. Подигањето деца не е ниту одблиску едноставно како што изгледа пред да ги добиеш (се смее). Промената на средината исто влијае. Секој нов договор значи нов почеток. Влијанието на оваа динамика најмногу ја имав осетено кај ќерката бидејќи е поголема и ги ,,фати“ сите тие преселби. Секогаш кога Никола е отсутен подолго време има промена во нејзиното однесување. Кога тој е дома, таа е многу посмирено дете. Не коментира често, но знае да каже дека не сака да победи тимот на тато за тој да нема повеќе натпревари и да се врати дома. Антонио е се уште мал, но со радост сака да го гледа на видео кога се слушаме.

БЛАГИЦА МИРКУЛОВСКА: Сопруга на спортист значи голема жртва, бидејќи бара максимална посветеност, на крајот на денот по еден изгубен на натпревар, е дојден крајот на светот, па затоа тие денови би ги одвоила како најтешки. Децата се адаптираат на ситуацијата и веќе знаат дека кога Филип не е дома, е на пат и дека има натпревар.

АНДРИЈАНА МАРКОСКА: Да се биде сопруга на еден спортист е гордост, но е и навистина тешко. Никогаш немаат постојано “работно место”. Нови клубови, нови средини, нови предизвици. Поради честите натпревари и патувања, многу важни заеднички моменти, како родендени, свадбени веселби, празници ги поминуваме сами, одвоено. Но, како што велат, секоја планина си има своја тежина. Кога знаеш дека сето тоа е за нашето подобро „утре”, со взаемна поддршка, сé се издржува“.

СЕМЕЈСТВОТО МИРКУЛОВСКИ ОСТАНА ВО ГЕРМАНИЈА, ЈА ПРАШАВМЕ БЛАГИЦА КАКВИ МЕРКИ ПРЕВЗЕМААТ ТАМУ ВО БИТКАТА СО КОРОНАВИРУС?

„Исто е како во Македонија, освен полицискиот час, кој го имате како дополнителна мерка. Затворени се детските игралишта за да нема собирање, не смееме да се движиме во групи, поточно повеќе од двајца (исклучок се фамилијарни излегувања), дозволено е еден час спортска активност на отворено“.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата