Светската организација на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) вчеравечер го стави на листата на историското наследство дневникот на еден поранешен затвореник од Уругвај, кој 13 години на хартија за цигари ги запишувал секојдневните согледувања.

Герилскиот борец и филозоф Хорхе Тискорниа во текот на 13 години, или 4.646 денови на хартија за цигари ги пишувал своите забелешки. Тој бил во затвор од 1972 година.

“Алманахот со тек на време се претвори во посложено пишување, бидејќи почнав да ги забележувам и другите работи околу мене” се сеќава Тискорниа.

Поранешниот затвореник во својот дневник водел евиденција за вакцинација на затворениците, за акционите филмови кои понекогаш ги гледале, за болест и смрт на други затвореници.

Бидејќи Тискорниа знаел дека дневникот можел да му биде одземен, тој внимателно ја завиткувал хартијата во најлон кесичка и ја ставал во дрвената кломпа позади креветот. 

Тискорниа од затворот излегол во 1985 година и со себе ја понел кломпата со белешките, но не ја покажувал на никого. Во 2000 година сакал да се потсети на некои настани, и тогаш за првпат ја изненадил јавноста.

Тој станал светски познат кога поранешните затвореници направиле документарец за него.

Овие документи сега се запишани во регистарот на историското наследство од страна на УНЕСКО, во кој има историски документи од различни земји.

УНЕСКО го оценил дневникот како “Живо сеќавање на повеќегодишна изолација” и ја открил моќта на Тискорниа за упорност. 

“Време е своето минато да го пуштам да замине. Нека го следи својот пат и нека биде од корист за реконструкција на едно време“, заклучил Тискорниа на свеченоста во негова чест. 

Уругвајскиот филозоф од Канцеларијата на ОН доби и официјална потврда дека напишал историски документ.