Нашинците на работа во странство годинава како да издишија. По рекордите во праќање пари што ги уриваа преклани и лани, сега малку подзапреа. Во првите четири месеци од годинава на роднините дома им испратиле 427 милиони евра, што е за 8% помалку од истиот период лани.

Без разлика дали овие суми се зголемуваат или намалуваат, експертите се согласни дека токму тие, девизните дознаки од странство чиј важен дел се и приватните трансфери, значајно ја помагаат македонската економија, спасувајќи го надворешно трговскиот дефицит и платниот биланс на државата. Исто така, иселениците редовно во текот на една година испраќаат неколкукратно повеќе пари одошто вложуваат директните странски инвеститори во нашата држава. За илустрација, во првите пет месеци од годинава салдото на директните странски инвестиции изнесува 105 милиони евра, што е четири пати помалку од парите пристигнати како дознаки од странство.

Гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, по рекордот постигнат пред една и пол година забележа дека се очекува пад на девизните дознаки, а неодамна изрази задоволство и од актуелното салдо. Во обраќањето на минатомесечната конференција на Обединетата македонска дијаспора тој на собраните иселеници им порача дека вкупните дознаки од странство се стандардно високи и изнесуваат 18% до 20% од БДП, или околу 1,6 милијарди евра и покриваат најголем дел од трговскиот дефицит. Тој појасни дека од нив приватни трансфери се 60%, што значи дека македонските семејства примаат околу една милијарда евра годишно како помош од своите роднини на работа во странство.

Дали застојот во првите месеци од годинава е најава за пад на приватните девизни трансфери, според оценката на универзитетскиот професор Томе Неновски ќе се види откако ќе се сумираат јули и август. Тоа се месеците на годишни одмори, во кои заедно со периодот на новогодишните и Божиќните празници во државата има најголем прилив на пари од дијаспората. Професорот објаснува дека еден дел од трансферите кој дошол преку сметки е евидентиран, а има и значаен дел кој кога иселениците ќе си дојдат дома на одмор го разменуваат во денари во менувачниците, кои така евидентираат прилив на девизи, па тој дел исто така има карактер на трансфер. Кога ќе дојдат дома, дел од парите што ги носат со себе иселениците ги ставаат во оптек трошејќи ги во трговијата и за други потреби.
– Треба да видиме колкаво е салдото во јули и август, кога добар дел од нашите вработени во странство доаѓаат на одмор во Македонија. Можеби падот се должи на тоа што со стивнувањето на кризата нашите си ги повратиле работни места во странство и доаѓаат дома на одмор само еден месец, а со тоа трошат помалку. Во минатите години имаше позитивно движење на дознаките, зашто покрај редовните трансфери, дел од парите иселениците ги трошеа дома, каде поради губењето на работните места остануваа по два-три месеца, што е поголем трошок – вели Неновски, појаснувајќи дека има и еден неевидентиран дел од парите кои иселениците ги внесуваат во Македонија, кој изнесува околу 10%.

Тој оценува дека важно е да нема големи варијации, а летото ќе покаже дали падот на трансферите е лош сигнал или не, односно дали тој е тренд или тенденција,
– Може да има колебања и поради цикличните движења на кризата – оценува професорот Неновски.

Светлана ВУКЧЕВИЌ