Гувернерот на Народната банка на Македонија, Петар Гошев, почна со најавената смена на директорите на дирекциите во Централната банка откако заврши интерниот конкурс на кој можеа да конкурираат не само постоечките директори, туку и сите вработени во Банката. Резултатите од конкурсот се држат во строга тајност, а првиот монетарец вчера беше недостапен за каква било потврда или демант на информациите околу имињата на оние што остануваат без директорските функции. Во недостиг на официјалните информации се шпекулира дека без директорските функции остануваат околу десет сегашни директори, а со дел од нив, наводно, гувернерот пред почетокот на конкурсот се договорил воопшто и да не конкурираат со цел на нивни места да се стават нови помлади кадри, додека неколку директори ќе одат на нови работни места, бидејќи од досегашните 17 се укинуваат пет дирекции. Во оптек на оние што ќе бидат распределени на други работни места се шпекулира со имињата на актуелниот директор на трезор Добри Мицковски, на директорката на Дирекцијата за централни банкарски операции, Зора Буклеска, на директорот на Дирекцијата за девизни резерви Владо Ристиќ, на Дирекцијата за супервизија Илија Граорковски како и на Дирекцијата за кадровски прашања Снежана Бундалевска. Без директорска функција останува и директорката на Дирекцијата за публицистичка дејност , Вилма Трајковска, сопруга на експретседателот на Македонија, Борис Трајковски. Ова за “Вечер” го потврдија извори блиски на Трајковска, кои велат дека се укинува дирекцијата на која Трајковска била прв човек, но дека таа воопшто и не конкурирала на конкурост, бидејќи така се договорила со гувернерот. Но, таа се надева дека ќе и биде најдено соодветно место, можеби координатор на повеќе отсеци кои одат во други дирекции. Наши извори од банката велат дека во случајов не се работи за конкурс на личности туку на програми, односно на оној кој понудил подобра програма ќе му се даде можност во наредните две години да ја извршува раководната функција, бидејќи на секој две години ќе се прави ист реизбор. Како доказ дека не се работи за партиски или заткулисни смени, извори од НБРМ посочуваат дека Гошев, наводно, планира да го смени од функција и заменик-директорот на трезор Васко Гошев, кој инаку е негов брат, а во Централната банка работи уште пред доаѓањето на Петар Гошев за гувернер.


Весна М. БОЖИНОВСКА