Поларизацијата меѓу двата словенечки Јанеза-Дрновшек и Јанша, околу “немањето средстваè за функционирање на институцијата претседател на државата, е толку продлабочена што се повеќе ги загрижува и челните луѓе на Европската унија. За ова во Брисел се зборува на големо, а состојбата, како ЕУ гледа на ова, деновиве најдобро ја опиша еден од најголемите шпански весници АБЦ. Поводот за нивното пишување беше конкретен-доаѓањето на Дрновшек во официјална посета на Шпанија во која ќе пристигне со својот приватен автомобил. И за чудење е: во двете насоки ќе треба да помине над 5.000 километри!
“Ваквата состојба фрла лошо светло врз Словенија како држава, за која сите беа убедени дека е најразвиена од десетте новопримени со најновото проширување. Лошо е што претседателот и премиерот во последно време комуницираат исклучиво со официјални писма. Сето тоа многу го загрижува Брисел, особено што Словенија во првата половина на 2008 година ќе биде претседавач со ЕУè – пишува меѓу другото влијателниот АБЦ. И ништо не згрешиле.
Од кабинетот на Дрновшек потврдуваат намалување на активностите бидејќи за тоа нема пари, а како основна причина го наведуваат неконструктивниот и навредливиот однос на владата на Јанша кон институцијата претседател. За да го сочува достоинството, претседателот одлучил од владата повеќе да не побара ниту толар.