Баратели на азил и бегалци во Италија ја понудија својата помош за преживеаните во земјотресот кој однесе најмалку 250 животи. Бегалците даваат парични донации и помагаат при отстранувањето на урнатините, јавува Ројтерс.

Како што наведуваат хуманитарните организации, над 70 бегалци и баратели на азил во Калабрија на југот од Италија се откажаа од дневната донација за лични потреби која изнесува две евра по лице за да им се помогне на преживеаните.

-Фотографиите и снимките од земјотресот ги поттикнаа да се потсетат на војните и несреќите од кои побегнаа, вели Џовани Мајоло, локалниот координатор на проектот за заштита и помош на бегалци и баратели на азил СПРАР.

Земјотрес со јачина од 6,2 степени погоди неколку планински заедници на 140 километри источно од Рим рано утрото во средата, додека луѓето се уште спиеја и уништи на стотици домови.

Црниот биланс на загинати би можелд а биде уште поголем оти спасувачките тимови се уште се обидуваат да пронајдат преживеани во градовите срамнети со земја.

Во местото Арквата дел Тронто, каде земјотресот уби околу 50 луѓе, Абдулаи, азилант од Бенин, помага при расчистувањето, пренесува Ројтерс. Ова е првиот земјотрес што некогаш го доживеал, и тоа, као што вели самиот, го поттикнало да им ја понуди својата помош на преживеаните.

-Прво бевме ужаснати, потоа сфатив дека е потребно што повеќе да се помогне, па одлучив да направам се што можам, вели Абдулаи.

Тој е еден од 17 азиланти кои цел ден поминаа во расчистување и подготвување на теренот одреден за центар за итни операции.

-Малку сум изморен, но ме зајакна тоа што им помагам на овие луѓе. Оваа работа е поубава од која било платена работа и ќе се вратам на работа штом ќе можам, додава тој.

Вели дека од Бенин заминал поради етничка и верска дискриминација.

Летиција Белабарба, координаторка на хуманитарната организација ГУС која им дава помош на барателите на азил, вели дека азилантите сами дошле до идејата да се ангажираат и да помогнат.

-Рекоа дека Италија им пружила добредојде, им помогнала и дека сега е редот на нив да им помогнат на Италијанците, вели таа.

Работата на азилантите и бегалците ја координира локалната цивилна заштита. Можеби нивната помош е само капка во морето, но е бесценета како гест на благодарност и хуманост, велат хуманитарците.

Инаку, во петокот уште еден послаб земјотрес, со интензитет од 4,7 степени по Рихтер ја погоди околината на гратчето Аматриче во централна Италија, како последица од тој пред два дена.

Италијанскиот национален геолошки институт пак, наведува дека интензитетот на последниот потрес била 4,8 степени. Бил регистриран во 6:30 часот по локално време, а на него му претходеле десетици послаби потреси.

Овие два дена, по силниот земјотрес во средата, Институтот соопшти за вкупно 500 вторични потреси.

Владата на Италија објави воведување на вонредна состојба во областите кои беа погодени од земјотресот, јави агенцијата АНСА.

Италијанскиот премиер Матео Ренци изјави дека на седница на Владата била разгледана ситуацијата во настраданите зони од земјотресот и била донесена одлука да се воведе вонредна состојба и да се доделат 50 милиони евра како прва помош за настраданите региони.